Како последица на климатските промени, во последните години со право се наметна потребата од вложување во зелена економија и инвестирање во обновливи извори на енергија. Во таа насока Зелениот Нов Договор (the Green New Deal) ги повикува владите драстично да ги намалат емисиите на стакленички гасови, да генерираат високоплатени вработувања, да обезбедат чист воздух, чиста вода и здрава храна, кои се основни човекови права и да стават крај на сите форми на злоупотреби.
Сето тоа звучи примамливо, меѓутоа таа транзиција би била неизводлива без да се обезбедат сериозни дополнителни количини на метали и минерали. Само за илустрација, во електричните возила ќе бидат потребни пет пати повеќе минерали и метали отколку што се користат во возилата што користат бензин/дизел; потоа една ветерница содржи осум пати повеќе метали отколку електрана на гас со ист капацитет; додека перформансите на батериите зависат од достапноста на различни метали и така натаму.
Во моментов, околу 20% од светската економија користи електрична енергија; остатокот се снабдува со фосилни горива. Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA) предвидува дека до 2050 година потребите за енергија мора да се задоволат со 20% на 50-80% од обновливи извори на енергија. Во пракса, ова значи дека во текот на следните две децении, сите автомобили, куќи и бизниси мора да користат електрична енергија која се добива од обновливи извори, наместо да согоруваат фосилни горива. Според IRENA побарувачката на бакар за батериите во електрични возила се очекува да се удвои првенствено поради неговата употреба во електричните мотори, жици и инфраструктура за полнење, побарувачката на графит се очекува да се зголеми за 10 пати, литиум за 9 пати, кобалт 3 пати, манган 3 пати до 2030 година
Во таа насока, може да се заклучи дека минералите и металите се критични компоненти за постигнување на зелена оддржлива економија. Според извештаите на Светска Банка, притисокот за „зелено“ производство на енергија (ветер, сончева и геотермална) и соодветните решенија за складирање може да резултира со побарувачка од 3 милијарди тони минерали и метали, односно ќе биде потребно 500% зголемување на производството на критични минерали и метали до 2050 година.
Оваа потреба за обезбедување на критичните минерали и метали само мал дел може да се обезбеди преку секундарни извори, односно со рециклирање, што сериозно ја наметнува потребата и значењето на рударските капацитети за оваа транзиција во зелена оддржлива економија. Некои од овие метали може да се заменат во алтернативни технолошки решенија за да се минимизира зависноста, но тоа е тешко да се направи во краток временски период. Но сепак, главните метали како што се литиумот, никелот, кобалтот, манганот, графитот, во најголем дел може да се обезбедат само преку рударството.
Меѓутоа, рударската индустрија мора да промовира и имплементира одржлива екстракција и преработка на минерали и метали со цел да биде вклучена во зелената економија, а истовремено да го минимизира еколошкото и јаглеродното влијание долж синџирот на снабдување. Унапредувањето на рударската професија е изразено и преку примената на Стандардот на IRMA за одговорно рударство, воспоставен преку процес на јавен ангажман на над 100 различни поединци и организации, вклучувајќи рударски фирми, невладини организации, синдикати и заедници. Стандардот поставува прифатливи практики за тоа што треба да го вклучува одговорното рударство и со овој Стандард рудниците можат да ја покажат својата посветеност за одговорна екстракција на ресурси.
Како заклучок може да се каже дека рударството е клучна алка во процесот на трансформација кон зелена оддржлива економија. Не случајно и големи автомобилски групации како Форд, Крајслер, Волксваген, стратешки се врзуваат со рударските компании со високи стандарди за одржливо рударство за да ги обезбедат потребните ресурси за нивното производство. Таков пример треба да се следи, и наместо неселективно да се наметнува анти-рударска кампања, потребно е целата јавност позитивно да биде вклучена во искористувањето на потенцијалите за што е можно побрза трансформација во зелена оддржлива економија.
Согласно расположливите геолошки истражувања нашата држава има сериозен потенцијал да преземе активна улога во овој процес на брза трансформација. Едно такво наоѓалиште на бакар е потврдено во близината на Иловица и Штука, каде што е проектиран иден рудник на бакар во согласност со најдобрите меѓународно практики и технологии, вклучувајќи ги и највисоките стандарди за заштита на животната средина.
Со развојот на Проектот Иловица-Штука покрај фактот што ќе се обезбедува бакар, ефектите за националната економија ќе бидат позначајни од економска гледна точна. Со овој Проект се планира веднаш да се обезбедат директни странски инвестиции од 340 милиони евра, да се отварат вкупно 3200 нови работни места, извоз од околу 200 милиони евра годишно и во државниот буџет ќе се уплаќаат годишно 24 милиони евра.
Затоа во екот на оваа сериозна економска и енергетска криза, од една страна, и потребата за брза трансформација во зелена оддржива економија, од друга страна, неопходно е да се постави позитивен пристап кон рударството како клучна индустриска гранка, и со вклучување на сите заинтересирани страни да се пристапи до ефикасна реализација на веќе расположливите проекти како што е и Проектот Иловица-Штука.
Митко Лиговски, Главен геолог во Еуромакс ресоурцес