Дваесет и едногодишно момче од демиркапиското село Бистренци вчера влегло во водите на реката Вардар околу 14 часот, да се разлади додека ги напасувало своите говеда, но досега не е вратено дома, па најблиските и соселани ноќеска и утрово го бараат покрај Вардар и во реката.
– Најверојатно е удавено, не знаело да плива. Ноќеска стотина лица го баравме до три часот изутрина, синоќа неколку лица од селото нуркаа во водата, но не е најдено ништо, сега од пет утрово повторно сме тука покрај реката. Триесетина сме, некои со гуми по водата, останатите се распоредени покрај брегот. Алиштата и телефонот му се најдени покрај реката, изјавија за МИА жители на селото.
Тие велат дека случајот е пријавен во полиција. Ноќеска на терен биле и полицајците, цела ноќ од нив имало дежурни на терен.
– И сега има полицајци, се чека јавен обвинител и инспектор. Треба да дојдат нуркачи, додаваат житлите на селото.
Од општина Демир Капија го потврдија случајот за МИА и рекоа дека интензивно се трага по момчето.
ПОСЛЕДНА ВЕСТ: Момчето пронајдено мртво, телото на обдукција
Момчето кое вчера околу пладне сакало да се разлади и влегло во реката Вардар кај демиркаписко Бистренци, пронајдено е мртво, потврди за МИА Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес. Јавен обвинител наредил обдукција на телото.
Со часови траеше потрагата по момчето од негови блиски и соселани, а крај Вардар присутна била и полицијата, се трагаше во водата и на брегот.
– Најверојатно е удавено, не знаело да плива. Ноќеска стотина лица го баравме до три часот изутрина. Синоќа неколку лица од селото нуркаа во водата, но не е најдено ништо. Сега од пет утрово повторно сме тука покрај реката. Триесетина сме, некои со гуми по водата, останатите се распоредени покрај брегот. Алиштата и телефонот му се најдени покрај реката, изјавија утрово жители на селото за МИА, кои не сакаа да бидат именувани.