Податоците за безбедноста и здравјето при работа во земјава се разликуваат од институција до институција што укажува на тоа дека собирањето на релевантни и унифицирани информации за несреќите на работното место се уште е нерешлив проблем во земјава.
Македонското здружение за заштита при работа секоја година по повод 28 април – Меѓународниот ден за заштита при работа, објавува годишен извештај за повредите на работното место за изминатата година, но тој е неофицијален затоа што е направен врз основа на информациите објавени во пишаните и електронските медиуми. Информации, како што велат оттаму, се побарани и од надлежните институции, но не се добиени.
– До моментот на заклучување на извештајот заклучно со 27.04.2023 година не сме добиле ниту еден податок за несреќи при работа. Од Државниот завод за статистика добивме известување дека тие во рамки на нивните статистички операции не водат евиденција и статистика на несреќи при работа. Единствените две институции кои се задолжени за таква статистика – ЈЗУ Институт за јавно здравје и Државен инспекторат за труд за 2022 година немаат подготвени извештаи за несреќи при работа, се наведува во извештајот од Македонското здружение за заштита при работа.
Според податоците со кои располага ова здружение, минатата година се евидентирани 169 несреќи на работното место од кои 22 се со фатални последици. Оваа бројка, како што посочуваат од здружението, во голема мера не го отсликува вистинскиот број на потешки несреќи на работа.
МИА побара одговор и од Државниот инспекторат за труд од каде информираат дека минатата година нивните инспектори извршиле увид во 1.766 повреди на работа, 15 колективни повреди и 12 повреди со смртни последици.
– Од страна на државните инспектори за труд донесени се вкупно 236 решенија за недостатоци со опомена, 2179 решенија за недостатоци со наредба и 45 решенија за забрана, се наведува во одговорот од Трудовиот инспекторат.
Издадени се 104 прекршочни платни налози и поднесени се 12 барања за поведување на прекршочна постапка и 9 барања за поведување на кривична постапка.
Една од причините за различните податоци со кои располагаат институциите, според Македонското здружение за заштита при работа, се должи и на тоа што увид вршат различни инспекциски служби.
– Во рударството увид во несреќите врши рударски инспектор. Инспекцијата за заштита при работа во состав на Министерството за труд и социјална политика не врши увид и не води евиденција за несреќи на работници во сообраќај, во секторот на полиција, одбрана и за несреќи настанати при вршење дејност во домаќинствата. Поради ова постои можност за разлика во бројките за несреќи кои ги водат различни институции, се наведува во извештајот од Македонското здружение за заштита при работа.
Несреќите при работа може да се спречат, да се научат лекциите како да не дојде до нив
Според в.д. претседателот на Македонското здружение за заштита при работа Петар Наумовски, има тренд на намалување на несреќите при работа, но тоа, вели тој, не смее да ги намали активностите на сите засегнати страни.
– Ако според Меѓународната Организација на Труд, 4 проценти од БДП во сиромашните земји оди во компензација на повредите, тогаш директните загуби кои ги трпи Македонија се над 400 милиони евра, фрапантна бројка, која што нашата кревка економија не смее и не може да си го дозволи. Во извештајот кој е пред Вас, ќе видите дека имаме тренд на намалување на несреќите при работа, но тоа не смее да ги намали сите активности на засегнатите страни, вели Наумовски во предговорот на годинашниот извештај.
Анализирајќи ги податоците од извештајот, може да се забележи дека во 77 проценти од градовите во земјава минатата година се случила некаква несреќа при работа. Така, од 34 градови во земјава, во 26 се случиле несреќи при работа. Скопје е град со најголем број на несреќи по што следуваат Битола и Прилеп. Најголем број на смртни случаи се евидентирани во Скопје (4), по што следат Струга, Струмица и Неготино со по 3 случаи.
Најмногу несреќи имало во Преработувачката индустрија (59), по што следува Јавната управа и одбраната со 27 несреќи на работа и Градежништвото со 14. Најголем број на несреќи кои резултирале со смрт се регистрирани во дејностите на домаќинства како работодавачи (8), градежништвото (6) и преработувачката индустрија (3). Дејностите на домаќинства како работодавачи во голем дел ги опфаќаат земјоделските работи. Во оваа дејност најголем број на несреќи се случиле со трактор.
Резултатите добиени од анализата на Македонското здружение при работа покажуваат дека најмногу несреќи се случиле во мај, вкупно 32. Во 2022 година се бележи благ пад на несреќите во летните месеци, но има пораст во другите месеци особено во зима и пролет.
Билјана Анастасова-Костиќ
Фото: МИА архива, Здружение за заштита при работа