Албанскиот премиер Еди Рама денеска на предизборниот митинг во градот Пустец прочита порака од Зоран Заев, во која се наведува дека албанскиот и македонскиот народ се многу блиски пријатели.
Албанската агенција АТА наведува дека Рама со читање на пораката од Заев го започнал митингот.
Заев истакнува дека „Северна Македонија и Албанија се два блиски партнера“.
– Заедно работиме за благосостојба на нашите граѓани, наскоро ќе бидеме сојузници и во НАТО и нашата заедничка иднина се наоѓа во ЕУ. Северна Македонија и Албанија се земји на нации и народи кои се многу блиски. Македонците и Албанците живеат едни покрај други, почитувајќи се едни со други, нашите разлики и јакнејќи го нашиот просперитет, затоа што стоиме рамо до рамо во добри и лоши денови, пишува во пораката на Заев.
Тој верува дека „неговиот пријател Еди Рама е посветен на почитувањето и заштитата на културниот идентитет на Македонците во Албанија“, како што истакнува Заев дека и тој е посветен на почитувањето и заштитата на културното наследство на Албанците во Македонија.
– Верувам дека Рама ќе работи со вас на подобрување на образованието, здравствените услуги, инфраструктурата и гарантирање на порастот и напредок за сите, како што тоа и јас го правам во Северна Македонија, додава Заев во пораката.