Невреме со урагански ветрови синоќа го зафати северозападниот дел на Словенија, штети се забележани и во источниот дел, јавија словенечките медиуми. Торнадо го зафати подрачјето на Илирска Бистрица во југозападниот дел на Словенија.
Лошото време со обилни дождови и силен ветер предизвика големи штети во Словенија, објави словенечкиот сајт 24ур. Словенечката Служба за заштита и спасување добила 69 пријави за штети во текот на ноќта, при што силните налети на ветерот однеле покриви од куќи и паѓале дрвја.
Ветер со брзина од 107 км/ч е пријавен на станицата „Косезе“ кај градот Илирска Бистрица, објави словенечката Агенција за животна средина. Торнадо го зафати селото Косезе. Посилни налети немаше во поширокиот регион.
„За среќа, ова е краткотраен феномен кој функционира во многу тесен опсег. Екипите за интервенција веќе ги покриваат првите (оштетени) покриви, но тие беа спречени од дождот, бидејќи торнадото беше проследено со невреме“, рече градоначалникот на Илирска Бистрица, Грегор Ковачиќ.