Силното невреме и обилните врнежи од дожд создадоа сериозни проблеми на грчкиот остров Крит, се урнаа два моста, а од вчера попладне едно лице се води како исчезнато, јави МИА од Атина.
Исчезнат е 61-годишен овчар откако со неговото возило бил повлечен од надојдените води на река. Спасувачките служби го пронашле превртен автомобилот на 100 метри од местото каде што исчезнал, но по мажот се уште трае потрагата.
Силниот дожд и надојдените реки беа причина да се урнат два мостови во различни општини на Крит, додека пак еден претрпе сериозна штета откако реката отцепи дел од мостот.
Од уривањето на еден од мостовите во градот Хања, отцепени се неколку села и населби.
Според локалните медиуми од островот, штета претрпеа уште најмалку 10 помали мостови.
Во текот на денешниот ден се очекува војската да испрати два големи мостови за привремено да се реши проблемот со поврзување.
Од село во близина на градот Ретимно, вчера превентивно беа евакуирани 22 лица.
На грчкиот остров од синоќа е министерот за транспорт и врски на Грција, Христос Спирѕис во придружба на инженери и од Директоратот за справување со природни катастрофи, генералниот секретар за цивилна заштита, но и спасувачки служби за координација на локалните власти во управувањето со последиците и штетите од невремето.
Министерот Спирѕис рече дека во тек се процедурите за на периферијата да и се дадат 10 милиони евра за санирање на штетите на патиштата.
Грчката противпожарна служба вчера интервенирала и спасила 10 лица од кои девет биле заглавени поради лизгање на земјиштето и пад на карпи на патот по кој се движеле со нивните возила, додека пак едно лице било заглавено со возилото поради надојдена река.