Поради обилните врнежи и невремето што денеска ја зафатија Шпанија во прекин е железничкиот сообраќај на „медитеранскиот коридор“ меѓу Мадрид, Валенсија, Аликанте и Барселона.
Централниот и југоисточниот дел на земјата вчера ги зафати невреме, па многу патишта беа затворени, а домови на жители беа поплавени.
Жителите на Мадрид и околината добиле порака на мобилните телефони со предупредување да не излегуваат од домовите, но невремето таму поминало без сериозни последици. Пожарникарите во Мадрид имале 726 интервенции.
Поради огромната количина на вода и кал на шините, возовите од главниот град кон западната провинција Екстремадура и јужна Андалузија привремено запреа во неделата. Возовите од Мадрид до Андалузија сè уште не сообраќаат поради последиците од невремето во градот Толедо. Шпанската метеоролошка служба извести дека во текот на денов врнежите треба да ослабат.
Земјата е под невообичаено силен удар од дожд и ветер, една недела по големи горештини и пожари.