Во Србија прогласена е вонредна состојба во 26 градови и општини поради обилните врнежи, а на пладне е регистриран и земјотрес со магнитуда од 4,0 според Рихтеровата скала во околината на Парачин, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи, Секторот за вонредни состојби, поради поплавите предизвикани од обилните врнежи, во текот на изминатата ноќ, на територијата на Крушевац, Чачак и Јагодина, евакуирале вкупно шест лица, од кои две се деца. Во моментов најкритично е на територијата на Град Чачак.
Недељко Гагиќ, раководител на Одделот за противпожарно-спасувачки единици на Одделението за вонредни состојби на МВР, изјави дека синоќа и претпладнето најкритична е состојбата во градовите Крушевац, Јагодина, Крагуевац и Сомбор, каде поради обилните врнежи, водата навлегла во дворовите и станбените згради.
– Во моментов најкритично е на територијата на градот Чачак, каде што водата навлегла во повеќе од 200 објекти, поради неможноста дождовната канализација да ја добие целата вода за кратко време. Припадници на МВР работат со испумпување на водата на неколку десетици локации, рече Гагиќ.
„МВР уште еднаш апелира до сите граѓани да не се движат во поплавените подрачја, покрај бреговите на реките и на насипите и да ги следат прогнозите на РЗМЗ. Доколку постои ризик од навлегување вода во нивните куќи, да постават вреќи со песок на влезот да ја исклучи струјата во зградата и да се искачат на повисоките катови од зградата, како и да ја извести противпожарната единица на телефон 193 или полицијата на телефон 192, изјави Гагиќ.