Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) од денеска почнува протести пред Собранието и Владата барајќи усогласување на платите во јавниот сектор со минималната плата, а раководството на СОНК, денеска треба донесена конечна одлука за прекин на штрајкот.
По постигнатиот договор меѓу Владата и СОНК, денеска треба да биде донесена конечна одлука за прекин на штрајкот. Одлуката ќе биде донесена по консултациите што раководството на СОНК треба да ги направи со членството по што од утре се очекува учениците повторно да се вратат во училишните клупи по двонеделен прекин.
Раководството на СОНК и Владата вчера постигнаа договор за зголемување на платите од 12 проценти со јулската плата, а средствата ќе бидат обезбедени со релабансот на Буџетот. Според Владата, зголемувањето на платите од 12 проценти нема да претставува ризик од дополнителна инфлација и нема да се одрази на нормалното сервисирање на обврските од Буџетот.
На состанокот, на кој присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски и министрите за труд и социјална политика и за образование и наука, Јованка Тренчевска и Јетон Шаќири, е договорено и креирање нова методологија за раст на платите која треба да биде завршена до крајот на годинава, а ќе се применува од 2023 година и ќе биде дел од општиот колективен договор. Како предмет на усогласување на гранскиот колективен договор ќе биде вклучена и редовната исплата на регресот за годишен одмор, односно К-15, којшто ќе почне да се исплаќа од следната година.
Постигнатиот договор го поздравија и од Сојузот на средношколци. Оттаму изразија задоволство што двете страни го го послушале апелот и што постигнале компромис.
Штрајкот во основното и средното образование и детските градинки почна на 11 април. СОНК бараше веднаш зголемување на платите за 18,4 проценти и усогласување на останатите плати со минималната плата. Владата првично предложи зголемување на платите од 10 проценти, но овој предлог не беше прифатен од страна на СОНК.
КСС секој ден на протести пред Собранието и Владата
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) од денеска почнува со протести пред Собранието и Владата барајќи усогласување на платите во јавниот сектор со минималната плата. Протестите ќе се одржуваат секој ден од 16 до 17 часот.
Синдикатот бара зголемува на бодот на 103 денари во бруто износ со што најниската плата во јавниот сектор би била околу 18.200 денари и би се задржал распонот меѓу останатите плати. Не се согласуваат со Предлог-измените на Законот за административни службеници со кој, според нив, зголемувањето на платите би било од 100 до 200 денари.
Претседателот на КСС Благоја Ралповски во изјава за МИА вели дека засега немаат најава за средба во Владата.
– Остануваме на нашите барања. Секојдневно ќе протестираме. Членството е крајно разочарано и се чувствува изманипулирано. Решението е многу едноставно, а тоа е членот 88 од Законот за административни службеници кој вели дека Владата го покачува бодот, вели Ралповски.
Според КСС, со овој проблем се засегнати околу 100 илјади работници во државата.