Независниот синдикат на полицијата денеска повторно се пожали дека полициските службеници немаат добиено униформи.
Претседателот на синдикатот Гоце Делчев Тодев во изјава за медиумите дадена пред Министерството за внатрешни работи рече дека полициските службеници сами се снаоѓаат и шијат или купуваат униформи од дивите пазари. Најави дека од денес полициските службеници ќе носат елеци со соодветен амблем.
Од Синдикатот денеска му дадоа јавна поддршка на министерот за внатрешни работи кој обелодени дека во Министерството за внатрешни работи се откриени 40 лица кои биле вработени со фалсификувани дипломи и побараа од него вработување на соодветни кадри.
– Му даваме јавна поддршка на министерот и како Независен синдикат на полицијата бараме лица со соодветни дипломи на соодветни работни места согласно интерни огласи кои мора да бидат така покриени за да нема лица со фалсификувани дипломи, изјави Тодев.
Веднаш со одговор реагираа од МВР и категорично ги отфрлаат како неточни тврдењата изнесени на прес-конференцијата на претставниците на Независниот полициски синдикат околу наводното неспроведување на активностите за набавување на нова опрема за полициските службеници.
Во соопштението се наведува дека со Планот за јавни набавки на МВР, за 2018 година предвидени се вкупно 18 постапки за набавка на униформа и делови на униформа, кои Одделот за општи и заеднички работи при МВР ги има започнато согласно процедурите за набавка соодветно на видот на постапките.
Се додава дека постапките за набавка на високи специјални чизми и маици за припадници на МВР се во тек и треба да завршат до крајот на годината.