Според најновите објавени податоци на Државната изборна комисија (ДИК) заклучно со вчерашниот ден вкупно 24.830 граѓани дале потпис за подносителите на кандидатура за претседател на државата.
Според објавените податоци на ДИК, досега никој од кандидатите за шеф на државата ги нема собрано потребните 10 илјади потписи од граѓаните.
Според пресекот на ДИК, најмногу потписи има Бујар Османи, кандидат на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за кого се потпишале 8.560. Втор на листата е лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски со 5.923 собрани потписи. Кандидатката поддржана од партијата Левица, Билјана Ванковска-Цветковска има собрано 4.478 потписи, а кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски има 3.091 потписи.
Вело Марковски има 433 потписи, а кандидатот на опозицискиот блок „Вреди“, Арбен Тарвари 1645 потписи. Според податоците од ДИК, во овие два дена, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.
Државната изборна комисија се додека трае собирањето потписи, еднаш дневно ќе прави пресек на пристигнатиот број на потписи за секој подносител поединечно и истиот редовно ќе се ажурира.
Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.
Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.