Потпретседателот на ВМРО- ДПМНЕ Александар Николоски во гостување на „Радио Лидер“ кажа дека со случајот „Рекет “ повеќе од јасно е дека целиот систем скапува од корупција и дека во државата корупција има од најниско до највисоко ниво.

– Со случајот „Рекет“ се покажа дека само небото е граница за корупцијата во Македонија што силно ги руши темелите на државата од морални вредности и систем затоа што било кој службеник на шалтер си вели зошто на странката која што доаѓа да не и побарам 100 грама кафе кога може премиерот на државата да бара милиони и гледаме дека скапува целиот систем во Македонија од корупција. Корупција има од најниско до највисоко ниво и Македонија за жал скапува во корупција, истакна Николоски.

Тој исто така потенцираше дека случајот „Рекет“ е јасна последица од огромниот пораст на корупцијата во земјата и додаде дека таквата состојба единствено може да се реши со јасна политичка волја односно дека криминалците мора да одговараат.

-Директна последица на „Рекет“ е енормниот пораст на корупција на сите нивоа затоа што не само од страв туку се изгуби и секаква почит кон државата што секако мора да запре. Се знае како запира со јасна политичка волја, расчистување со корупција, криминалците треба да одговараат, појасни Николоски.

Рудникот „Иловица“ е купен од компанија со сомнителен капитал, Заев молчи за сето тоа

Николоски зборуваше за ситуацијата во државата и посочи дека му фрла ракавица на премиерот Зоран Заев ако е сигурен дека ќе победи на избори нека поднесе оставка и за 45 дена да има избори и да се видат какви се резултатите.

-Видов вчера една изјава на Зоран Заев каде што коментира што би се случило доколку утре има избори, но во исто време вели дека нема план да поднесе оставка и дека не сака да оди на избори, па му фрлам ракавица од овде ако е сигурен во тоа што го вели дека ако резултатите се такви нека поднесе оставка да одиме за 45 дена на избори, тоа е најкраткиот рок, па да видиме дали се такви резултатите. Или второто што ние го предлагаме како концепт е да поднесат оставка, да се формира влада на национално единство или национален спас која што треба да ја извади Македонија од најголемата криза во која што е западната откако е самостојна држава, да добие таа Влада една широка поддршка од сите политички структури во Македонија и после тоа да одиме на предвремени парламентарни избори, па да видиме какво е расположението на народот, рече Николоски.

Тој во своето гостување зборуваше и за рудникот „Иловица“ каде посчи дека тој неколку пати објавувал за овој рудник. Според него интересно е што се случува промена во сопственичката структура.

-Јас мислам дека првите луѓе на опозицијата треба да објавуваат скандали за работењето на власта и знам дека на власта тоа не и одговара и водат две контра кампања, една е а што ќе направите вие и втората е лажни вести. Јас почнав интензивно да објавувам за рудникот “Иловица„ кои се однесуваат на промена на сопственичката структура во потенцијалниот рудник и сакам да кажам дека од еколошки причини јас сум против отварање на рудникот Иловица во месноста Иловица-Штука. Јас мислам дека тој рудник таму на начинот на кој е замислен ќе ја уништи пошироката околина. Тоа што е интересно е што Зоран Заев декларативно пред избори исто така беше против отварање на рудникот, но некако сега молчи. Интересно е дека се случува промена на сопстевничката структура паралелно со промена на сопственичка структура наеднаш вишиот управен суд решава дека треба да ја прифати жалбата на сопствениците на Иловица со цел таму рудникот да почне да работи. Јас ги изнесував тие податоци. Некаде во април месец минатата година Иловица е купена од фирма која што е регистрирана на Кајманските острови, е регистрирана во куќа од 4 ката и во која се регистрирани дополнителни 20.000 фирми. За истата куќа поранешниот претседател на САД, Обама кажа дека или се работи за најголемата куќа во светот или се работи за најголемата шема за перење пари. Секако дека е второто и компанија со таков сомнителен капитал и без до крај јасен сопственик го купува рудникот и за тоа добива дозвола од комисијата за заштита на конкуренција која е владина комисија и откако се случува тоа еве судот почнува да прогледува и да пресудува во корист на отварање на рудникот, потенцираше Николоски.