Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на Венко Филипче и ангажманот во 4-тата изборна единица истакна дека според него се работи за потенцијална лидерска битка во СДСМ по изборите и кој да го преземе раководството во СДСМ, но Венко Филипче треба да даде одговори на многу прашања во јавноста како за набавката на вакцини, модуларната болница во Тетово, случајот Онкологија и многу други.
„Па од она што можев да го видам од неговиот прв јавен настап по објавувањето на кандидатурата можам да видам дека се работи за потенцијална лидерска битка во рамки на СДСМ а и тоа е тоа што се зборува низ 4 -ката од луѓето кои што него го поддржуваат дека после изборите се надева да го преземе раководењето на СДСМ и дека затоа влегува во оваа изборна трка. Тоа си е работа на СДСМ јас немам што да се мешам тука но она што мислам дека јавноста сериозно ќе ја интересира е од како Венко Филипче избега од јавноста во последните неколку години, да даде одговори на неколку суштински прашања. Прво каде е тој во однос на модуларната болница во Тетово која што изгоре и 14 човечки животи кои што беа загубени таму, второ што мисли за тоа што Македонија имаше меѓу највисоките смртности во корона пандемијата, трето каква е неговата улога при набавката на вакцини преку сомнителни фирми од Хонг Конг за трговија со јужно овошје, четврто каква е неговата улога во процесот на приватизација на стерилизацијата во сите јавно здравствени установи во Македонија, петто дали се обидувал или не една приватна болница во Македонија на сила или под притисок да биде продадена на еден бизнисмен од Албанија, шесто мислам дека е фер да одговори на јавноста каква е неговата улога во случајот Онкологија и семејството Пановски и ќе застанам тука мислам дека е доволно за старт“, истакна Николоски.