Се нафатив на работа што остава траги зад себе и тоа се мојата желба и фокус. Во исто време сум свесен, апсолутно свесен, не сум јас од вчера во оваа работа, дека одредени кујни и одредени спин-мајстори сакаат да создадат привид за проблем или за раскол или за што било во ВМРО-ДПМНЕ, рече вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во врска со одлуката на партискиот лидер Христијан Мицкоски да не прифати промени на Статутот на партијата, што значи дека ВМРО-ДПМНЕ во 2029 година ќе има нов претседател.
Во интервју за „360 степени“, Николоски истакна дека дискусиите во јавноста за тоа кој ќе го наследи лидерското место на Мицкоски во ВМРО-ДПМНЕ се спинови и теории на заговор.
Според него, не треба да се бара скриена порака ниту во одлуката на Мицкоски да нема потпретседатели на партијата во овој негов лидерски мандат.
– Кога ВМРО-ДПМНЕ не би била во оваа позиција во којашто е сега, веројатно тие дискусии би дошле два-три месеци пред следниот конгрес, редовен, значи некаде август-септември 2029 година. Но, зашто е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ и во 2029 година ќе е најголема политичка партија во Македонија, ќе е најсилна политичка партија и многу веројатно ќе ја води Владата и тогаш, природно е јавноста да пробудува интерес и во менталитет, каков што е нашиот и регионалниот, не е само за Македонија тоа специфика, природно се јавуваат теории на заговор, конспирации,… И затоа добро е што повеќе од тие конспирации и теории на заговор да се пресретнат, со цел партијата да може да е насочена кон она што е основна нејзина функција сега, а тоа е да ја води државата и нормално, она што е функција на сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ кое што има мандат до 2029 година, а тоа е да донесе три изборни победи. Затоа што раководство во секоја политичка партија се носи за да победува на избори. Ние имаме парламентарни избори 2028 година, локални и претседателски избори 2029 година, така што имаме три изборни циклуси на коишто ова раководство треба да победи, нагласи Николоски.
Тој не открива дали има амбиција за лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека е рано и дека има време до 2029 година да се носат одлуки.
– Ако треба денеска да дадам одговор, би рекол дека повеќе би сакал да се посветам на ова што сум посветен, а тоа е да оставам трајни дела зад себе, секако со поддршка и на премиерот и на Владата. Се нафатив на една работа којашто остава траги зад себе и тоа е мојата желба и мојот фокус. Во исто време сум свесен, апсолутно свесен, не сум јас од вчера во оваа работа, дека одредени кујни и одредени спин-мајстори сакаат да создадат привид за проблем или за раскол или за било што во ВМРО-ДПМНЕ, што континуирано го прават од некаде 2018 година и никако не им успева од едноставна причина што немаат ни еден процент почва за тие свои приказни и затоа тоа семе не може да изрти, нагласи Николоски.
Неприродни се, дополни, спиновите што се пуштаат.
-Сега сме 2026 година. И во 2026 година да се зборува за 2029-30 година, мислам дека е несериозно во услови кога сме најблиски соработници, на дневна основа комуницираме, соработуваме и мислам дека на многумина на политичката сцена им е навистина недраго, не сакам да употребам други изрази, што ние вака функционираме и што ова трае со години и се свесни дека ќе трае со години и што имаме една ваква соработка што носи резултати за државата, подвлече Николоски.




