Автопатот Кичево – Охрид е симбол и пресечник помеѓу две времиња, незаинтересираноста, неспособноста и неработењето на СДСМ и ДУИ и посветеноста и работата на оваа Влада на ВМРО ДПМНЕ. Граѓаните сега се задоволни и резултатите се гледаат на терен. Кон крајот на летото очекувам да пуштиме за сообраќај уште еден дел од автопатот, потегот од Климештани до Охрид, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
-Автопатот Охрид -Кичево е симбол за таа работа, јас уште кога бев избран кажав дека тој е симболот. Ние можеме да реализираме десетици други проекти, но доколку овој проект не го завршиме ќе бидеме исти како претходните, доколку го завршиме како што го завршуваме, тогаш ќе бидеме различни од претходните. Граѓаните се задоволни бидејќи се гледаат првите резултати, ги имаме функционални првите двесетина километри и нормално да прашаат кога ќе заврши целосно. Нема да отстапиме ни ден од она што е договорено со Изведувачот и банките, рокот е крајот на следната година и крајот на следната година целиот автопат во должина од 57 километри ќе биде функцнионален и ќе може да се користи. Во меѓувреме имаме уште една добра вест, кон крајот на летото очекуваме дополнително осумнаесет километри, делот од Климештани до влезот на Охрид да биде завршен и да биде ставен во функција – вели Николоски во интервју за ТВ Алфа, говорејќи за инфраструктурните проекти што се реализираат во државата.
-Генерално можам да кажам дека се работело на непосветеност и неработење. Ние бевме избрани на крајот на јуни, ни требаше едно три месеци да увидиме каде се проблемите, што се правело или зошто не се правело и веќе од октомври месец да имаме една силна мобилизација. Сега имаме преку 1100 -1200 работници, над 300 камиони, над 110 машини кои работат, мобилизација која е невидена претходно и еве резултатите се пред сите нас- истакна вицепремиерот Николоски.
Тој потенцираше дека се работи на бројни проекти во делот на автопатската и железничката инфраструктура и најави нови проекти во следниот период.