Знаеме сите дека Македонија се соочува со сериозна појава чии прогнози кажуваат дека за жал состојбата само ќе се влоши. Колку посеопфатни бидат мерките и колку бидат побрзи толку помали ќе се последиците. Да бидеме искрени покрај овие огромни здравствени проблеми им посакувам се најдобро и брзо закрепнување на сите оние кои што веќе се заболени од Корона вирусот и посакувам што помали бидат последиците но покрај тие последици ќе има сериозни економски последици. За жал и Европа, а Македонија како дел од Европа се соочува и ќе се соочи во наредниот период со сериозна економска криза која ќе е последица на ова што се случува со корона вирусот. И затоа мора да ја потенцирам нашата разочараност што владата останува нема на подадената рака за помош, која што ние ја даваме во овој момент што алармира дека мора да се стават на над политичкиот моментум и партиските интереси, ова денеска преку прес-конференција го истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
-Ова не смее да се претвори во арена на кампања и политички маркетинг, кој што за жал го гледаме деновиве. Повеќе работа помалку политички маркетинг е она што треба да се случува во следниот период. Затоа нашата загриженост е и поради исто така делумното почитување на мерките на владата. Има локали во градовите и особено во Скопје кои непречено работат и по 18 часот, спротивно на препораките и преставуваат потенцијални жаришта за пренесување на вирусот. Исто така на повидок е можеби најголемата економска криза од осамостојувањето на државата. Неработењето на компаниите предизвикува штета. Таа штета може да значи да не може редовно да се исплаќаат плати во следните месеци што ќе значи дополнителен ѓок за граѓаните. Затоа бараме тие штети да ги надомести државата. Предлагаме неколку нови мерки.
Прво следење на примерот на Хрватска, каде владата донесе одлука за замрзнување на цените на основните потрошувачки производи во продавниците и замрзнување на цената на медицинските помагала и средства кои се неопходни за справување на последиците со корона вирусот. Ова мора да се направи веднаш за да се заштитат граѓаните, а во исто време да се спречи профитерство во овие тешки денови.
Второ, владата да донесе одлука и да побара од телекомуникациските оператори во месец март да донесат одлука со која што нема да ги исклучуваат оние корисници кои не ги платиле сметките. Брзата комуникација е примарна во решавањето на состојбата со која што е соочена Македонија во овој момент, рече Николоски.
Тој додава дека исто така во изминатиот период излеговме со мерки кои ќе ги повторам кои се суштински кои за жал владата се уште не ги имплементира. Секој ден одлагање на овие мерки е удар врз македонската економија и ќе донесе огромни последици по сите граѓани на Македонија.
-Итно замрзнување на обврските на компаниите кон државата, чија што работа е погодена од новонастанатата ситуација. Итно замрзнување на обврските на компаниите кон банките и заемодавателите за месец март, чија што работа е погодена од корона вирусот. Државата да ги плати трошоците за вработените во компаниите погодени од корона вирусот во висина од 50-тина проценти. Итно враќање на сето заостанато ДДВ кон компаниите кое што државата им го должи на компаниите. Субвенции за транспортните компании туристичките компании туристичките центри во Македонија, угостителските објекти, шпедициите, и извозните компании во тек на целата година затоа што последиците кои што ќе ги имаат во овие месеци ќе им се одразат во текот на целата година. Очекуваме овие мерки веднаш да бидат прифатени ВМРО-ДПМНЕ има два сериозни тима кои што ги става на располагање на сите граѓани на Македонија и на владата да бидат искористени првиот е здравствениот предводен од Д-р Игор Николов и вториот е економски тим каде што ги имаме најдобрите, врвните стручњаци во Македонија да дадат одговори. Ситуацијата е исклучително алармантна, покрај на здравствен план верувајте последиците на економски план ќе ги чувствуваме долго во периодот кој што следи, одговор е потребен уште денес, рече Николоски.