Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на денешното обраќање по повод Петтиот Македонско-германски форум на тема “30 години независност на Македонија” и улогата на Собранието во демократијата во организација на германскатa фондација Конрад Аденауер коментираше во врска со соработката со Германија и странските инвестиции.

Тој се заблагодари во однос на соработката со Германија и истакна дека се работи за најзначајниот партнер кој што Македонија го има без двоумење.

-Германија е најсериозен и најзначаен партнер кој што Македонија го има и политички и економски, ако сакате и културолошки и спортски, на сите планови коишто може да има соработка, политички затоа што се работи за најсилниот поддржувач на проширувањето на ЕУ, моторот на проширувањето на ЕУ што е крајна цел на нас како држава, еден од главните партнери во НАТО алијансата каде што нашата држава е веќе член, економски затоа што е главен двигател на економијата во Европа и на економијата во Македонија, сериозни германски инвестиции се присутни во Македонија и 10.000 илјади луѓе директно или индиректно ја наоѓаат својата среќа и своето вработување во германските компании, рече Николоски.

Николоски на крај на своето обраќање посочи дека се надева Македонија конечно да добие датум на преговори и да почне преговори.

-Се надевам дека Македонија конечно ќе добие датум за почеток на преговори и ќе почне преговори, како би, институцијата што јас ја водам Националниот совет за евроинтеграции, би ја добил својата полна смисла и улога затоа што неговата главна улога е во моментот кога Македонија ќе почне преговори, истакна тој.