Компанијата „Костал Македонија“ е првата компанија што се согласи да го плаќа корпоративниот данок од 15 проценти. Решението помина на Комисијата за економски систем при Владата, истакна денеска во Охрид, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Според Николоски, таквото законско решение ќе значи дека тие средства остануваат во земјата, а тоа како што рече, ќе значи нови работни места, зголемен девизен прилив и економски раст.
– Тоа се дополнителни средства во македонскиот буџет и очекувам во годините што доаѓаат да се равива соработката и да се отвораат нови работни места, да се зголемува извозот, да се зголемува девизниот прилив и да расте економијата. Владата е партнер на компаниите, рече тој.
Вицепремиерот Николоски кој присуствуваше на глобалниот состанок на добавувачи и логистика во рамки на „Групацијата Костал“, за која истакна дека е одлична можност за вклучување на домашните мали и средни компании да се вклучат во ланецот на снабдување на „Групацијата Костел“, што значи отворање на дополнителни работни места, стимулирање на семејните бизниси, стимулирање на малите и средни бизниси и тоа може да значи потенцијално уште поголем економски развој.
– Ние заедно со тимот на Костал разговараме и за проширување на инвестициите, што беше спомнато и од раководството. Тука сме да помогнеме со сето она што може да го направиме, истакна во оваа прилика вицепремиерот Николоски.
Директорот на „Костал Македонија“, Виктор Мизо, од своја страна истакна дека независно континуираните кризи во рамки на автомобилската индустрија, особено во Европа, „Костал Македонија“ продолжува со раст и развој и претставува најважната локација на групацијата на континентот.
– Најголем дел од она што се износите за инвестирање на годишно ниво во рамки на Групацијата изминатите две години тие се лоцирани токму овде во Охрид и тоа ќе продолжи и понатаму. Од таа гледна точка минатата година ја завршивме со 140 милиони евра извоз, а плановите за оваа година се заради сите дополнителни инвестиции и развојни програми тука во Охрид, дека ќе имаме извоз кој ќе надмине 200 милиони евра, што значи потенцијално раст над 50 проценти споредбено со минатата година, рече Мизо.
За соработката со институциите во државата, Мизо рече дека е навистина важна, бидејќи како што посочи, многу од активностите на сите странски инвеститори е да се има дијалог и да се решаваат проблемите.
Како главни точки на кои треба да се работи, и тоа не само за „Костал“ како компанија туку за сите странски инвеститори, е хармонизирањето на царинските стапки за да се постигне исто ниво на конкурентност со сестринските компании во рамки на ЕУ, потоа поедноставувањето на процесите за добивање работни дозволи и визи за странците, потоа други работи поврзани со намалување на бирократските процеси, одредени непотребни административни постапки и слично.
Фото: МИА