Прашање на недели е кога Артан Груби ќе го видиме вратен на некој од граничните премини или на аеродром вратен преку Интерпол покажување дека нема каде да бега. Казните ќе бидат максимални, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт и врски, Александар Николоски кој вечерва е гостин во „Тема на денот“ на Сител ТВ.
-Внимателно ги следам случките со Артан Груби. Јавноста се сеќава дека бев доста гласен во опозиција со сето она што се случуваше со скандалот со „Државна лотарија“. Можеби прв го извадив во јавност скандалот и сите тие шеми на поврзување и кршење на законот. Се сеќавате дека Артан Груби правеше бројни обиди да го промени законот за игри на среќа мислејќи дека на тој начин ќе си го амнестира криминалот. Не успеа во тоа заради отпорот на ВМРО-ДПМНЕ. Дури и да успееше законите не можат ретроактивно да важат. Дури и во еден ваков систем каде имаме променет кривичен законик којшто се промени пред падот на власта на СДСМ и ДУИ, толку се силни овие кривични дела што се наоѓа начин истите да се процесираат. За мене Лотарија не е изненадување, тоа беше перална на пари, дувло на криминал на СДСМ и ДУИ. Таму фронтмен беше поранешниот шеф на Артан Груби и веројатно само таков профил на човек би правел такво нешто. Всушност сега тие се под истрага за се она што го правеа во Лотарија, вели Александар Николоски.
Тој најавува голема одговорност за поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами.
-Мислам дека ќе се соочат со одговорност. Ќе се соочат со многу поголема одговорност. Бегството значи признавање на вина. Ако случајно биле надвор во државата кога ќе дознаат може веднаш да се вратат. Бегството нема да ги амнестира и убеден сум дека меѓународната потерница преку Интерпол ќе вроди со плод. Артан Груби е локален политичар кој не верувам дека ќе најде прибежиште било каде на земјината топка. Од оваа перспектива станува јасно зошто ДУИ толку ја влечеше работата против предвремени избори. Од оваа перспектива е јасно – сакале да ги завршат овие процеси надевајќи се дека нема да одговараат, заклучува Николоски.
Николоски упати критики кон Венко Филипче како коалициски партнер на ДУИ.
-Политички договор апсолутно дека нема. Наше најголемо предизборно беше дека ДУИ ќе оди во опозиција и еве веќе е во опозиција. Второ најголемо предизборно ветување ни беше дека ќе одговараат за криминалот и еве одговараат. Морален хазаард е кога СДСМ обвинува за ДУИ. Тие до последен ден беа со ДУИ, тие беа тие кои им дадоа премиер Албанец само за да бидат во влада, тие се тие кои пола влада и пола држава дадоа на ДУИ, тие се тие кои бланко гласаа на се во Собранието што ќе предложеше ДУИ и го амнестираа криминалот на ДУИ. И затоа се толку ниско колку што се. СДСМ ќе има морален кредибилитет да критикува кога ќе се извини за се она што го правеле. Венко Филипче кој беше министер во владата каде вицепремиер беше Артан Груби најмалку има право да критикува.
Николоски најави расчистување со криминалот и нарко подземјето.