Станува мачно за гледање и неподносливо за секое разбирање темпото со кое Владата на СДСМ и ДУИ ја задолжува Македонија. Душманскиот однос кон државата и нејзините граѓани покажува секакво отсуство на одговорност и отчетност, како и грижа за иднината на генерациите кои доаѓаат. Со ова темпо Македонија движи кон сигурен банкрот, односно нема да е далеку денот кога државата нема да биде во состојба да ги враќа позајмените пари од домашни и странски кредитори и ќе мора да воведе некој вид принудна финансиска управа или валутен борд. Целта на оваа колумна е низ бројки да ја покаже структурата на долгот и галопирачкиот раст кој долгот го има во Македонија, пишува во својата Колумна за „Фокус“ потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
Државата ја завршува 2022 година со 7,7 милијарди евра јавен долг, што е блиску до психолошката граница од 60 проценти од бруто-домашниот производ. Тоа е историски најголем долг никогаш не виден порано во Македонија. И тоа не е се, задолжувањето што се планира во оваа 2023 година согласно со Буџетот е над 1,6 милијарди евра! Огромни незамисливи 1,6 милијарди евра за продолжување на криминалот и корупцијата. Пари кои треба да ги враќаат идните генерации.
Буџетскиот дефицит е проектиран на 695 милиони евра. Значи државата ќе потроши за толку повеќе од што ќе собере, но тоа и веднаш укажува на фактот дека задолжувањето е далеку над буџетскиот дефицит што значи дека државата се задолжува многу повеќе од што прикажува.
Доколку се направи кратка анализа на бројките за задолжување од изминатите години ќе се дојде до овие податоци- Во 2002 година како последна година на првата Влада на ВМРО-ДПМНЕ после бегалска криза од Косово во 1999 и војна во Македонија во 2001 јавниот долг беше 1,8 милијарди евра, а оваа година без никакви проблеми во Македонија само новото задолжување ќе биде 1,6 милијарди евра. Во 2002 година како процент задолжувањето е 43,2 од БДП оваа година е веќе над 60. Најнизок јавен долг е забележан во 2008 година, кога изнесувал 1,56 милијарди евра, или 23 % од БДП. Значи во 2008 година која многумина велат дека беше најдобра година на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ вкупниот јавен долг е помал од задолжувањето кое криминалната Влада на СДСМ и ДУИ ќе го направи за една година.
Затоа тие години доаѓаа големи странски инвеститори и отвара огромни капацитети кои вработуваат и денес десетици илјади граѓани, се главен двигател на економијата, како и на бруто домашниот производ. Затоа последниве години ги нема. Инвеститорите прво што гледаат се две работи- економскиот перформанс на државата и состојбата со владеењето на правото. Во двата сектори катастрофа!
Да ги видиме само тн евро обврзници кои оваа Влада ги зеде- во 2018 тоа е 500 милиони евра, во 2020 зедоа 700 милиони евра, а во 2021 износот беше 700 милиони евра, а во 2022 цели 600 милиони евра. При тоа нема ни еден голем и значаен инфраструктурен проект. А и тие кои беа започнати од претходната Влада на ВМРО ДПМНЕ не се довршуваат. Нема нови автопати, железница, аеродроми, брани или мостови, едноставно нема ништо! Тоа покажува дека целото задолжување оди во непродуктивни трошења, криминал, корупција и купување каков таков социјален мир.
Последиците и по падот на оваа власт на СДСМ и ДУИ ќе се болни и ќе бидат потребни децении да се залечи македонската економија, како и да се отплаќаат овие пари кои сега немилосрдно се трошат, пари кои не се користат за никаков развој на државата, а ќе треба да ги враќаат идните генерации.
Оваа кратка анализа го покажува целото расипништво и сликовито кажано движењето на Македонија по автопат на банкрот и економска пропаст, пишува меѓудругото во Колумната Николоски.