„Сметаме дека мерките се апсолутно задоцнети, ВМРО-ДПМНЕ уште пред месец дена предлагаше мерки кои што ќе значеа да нема вака драстично поскапување на дизелот и бензинот, кое што оди на највисоки граници било кога видени во државата. Исто така и основните прехранбени производи пред се мислам тука на лебот, на брашното, на маслото, на шеќерот, на раноградинарските култури, на месото, значи на она што се основни производи кои што се потребни за секојдневна исхрана на едно семејство одат на цени кои што се од 3 до 4 пати повисоки од цените кои што беа претходно. И тука огромна вина има кај власта на СДСМ и ДУИ, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во вестите на Алфа телевизија.
Николоски додаде дека факт е дека има војна во Украина, факт е дека има криза, но тоа не значи дека други држави треба да трпат вакви последици и затоа си презедоа мерки навреме.
– Македонија е земјоделска држава, Македонија може да произведе самата доволно храна доколку има добра организација, која што за жал во моментов ја нема. И затоа овие мерки само се козметички од една страна, а од друга страна не сакаат да се откажат од полнењето на Буџетот. Бидејќи со полнењето на Буџетот после тоа значи расипничко трошење. Петта година иамме власт СДСМ-ДУИ која што не изгради километар автопат, не изгради ниеден мост, ниедна брана, ниеден километар пруга во државава, ниедна болница. Значи ништо што би значело голем инфраструктурен проект, а трошат по четири и кусур милијарди евра секоја година, нагласи Николоски.
Николоски посочи дека тоа само покажува дека се работи за едно расипничко трошење од кое што не сакаат од власта и оваа година да се откажат. Кога би се откажале од власта од расипничкото трошење тогаш во тој случај цените во маркетите би биле далеку, далеку пониски од ова што е сега.