-Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вечерва најави дека на почетокот од следната седмица ќе биде формирано Координативно тело за реализација на Договорот со Велика Британија за партнерство за остварување на инфраструктурни проекти.
-Веќе наредниот вторник ќе имаме формирано Координативно тело за реализација на Договорот со Велика Британија. Министерството за финансии ќе започне процес за обезбедување на финансии и уверуваме дека ќе ја избереме најповолната опција за финансирање на проектите, истакна вицепремиерот Николоски во вечерашното интервју во Топ Тема.
Тој истакна дека до вторник треба да биде подготвен и првиот капитален проект, а тоа е брзата пруга од Табановце до Гевгелија.
-Очекувам до вторник да сме подготвени со првиот иницијален проект, а тоа е брзата пруга од Табановце до Гевгелија. Владата треба да го задолжи Министерството за финансии да обезбеди финансирање за проектот. Следниот чекор би било Министерството за финансии низ еден транспарентен и конкуретнет дијалог да испрати барање за финансирање до сите релевантни меѓународни финансиски институции и тие да се натреваруваат меѓу себе која ќе понуди најдобри услови за финансирање. Ние мислиме дека тоа ќе е Велика Британија, но дај Боже да се пријави некој што ќе понуди поинакви услови и поевтино финансирање. На пример, ако Велика Британија понуди дека може да финансира 95 отсто од сумата по одредена камата, а се појави друга држава која може да финансира 100 проценти од сумата по пониска камата, секако ќе ја избереме другата варијанта, вели Николоски.
Во понатамошната постапка, како што посочи вицепремиерот Николоски, ќе се избира изведувач по Законот за јавни набавки.
-Tеоретски ако тоа би било Велика Британија, после тоа се одбира Велика Британија како финансиер на проектот и влегуваме во реализација на проектот со избор на Изведувач и тоа преку нашиот Закон за јавни набавки што јасно ја утврдува процедурата како се избира изведувач за вакви големи проекти. Тоа не е договор во четири очи, но не е ни класичен тендер каде може било кој да се јави. Мора да се постават јасни критериуми кој може да учествува бидејќи проектот мора да биде завршен и мораме да бидеме сериозни да не ни се случи Охрид – Кичево или слично. Но наједноставно за јавноста, тоа би бил конкурентен дијалог со компании кои ги исполнуваат условите, а ќе поставиме соодветни критеритуми, појаснува Николоски.
Во однос на договорите на Велика Британија со Труција и Србија, тој потенцираше дека тие се класични комерцијални договори кои ги следи финансирање со градба, додека во нашиот случај, додаде тој, имаме политички договор, прв ваков договор потпишан во регионот, со кој ќе ни се понудат најповолни услови за финансирање, нагласи вицепремиерот Николоски.
Тој појасни дека до 20 проценти ќе работат компании од Велика Британија, до 30 проценти ќе се вградуваат компоненти исто од Велика Британија.
-Работниците не се ограничени, може сите работници кои ќе работат на проектите да бидат од Македонија, за разлика од договорот со Синохидро за изградба на автопатот Кичево-Охрид каде стои дека најмалку 51 процент од работата да ја изведува кинеската компанија и работници да се донесени од Кина, кажа Николоски.
Во делот на работници, вели, воопшто нема никакви ограничувања, може сите работниции да се од Македонија.
-Она што ќе се вградува, до 30 проценти да е произведено во Велика Британија. Имајќи предвид дека ако зборуваме за пругата, модерните пруги користат софистицирани системи за сигналзиација, тоа се системи кои возовите ги носат на автопилот, самите управуваат со воз итн. За жал тоа се системи кои ние не ги произведуваме и веројатно тоа ќе е британската компоненета која ние ја немаме, нагласи вицепремиерот Николоски.
Во однос на премијата за заемот, тој потенцираше дека овој процес ќе биде транспарентен за сите граѓани, односно од финансиските институциии ќе се бара трошокот за заемот да биде единствен без скриени и дополнителни ставки.
-Нашето барање за финансирање е да добиеме финансирање со единствен трошок. Да поедноставам, кога земаме кредит таму вели ЕУРИБОР плус 1, но после тоа имате уште пет, шест ставки со ситни букви банкарски напишани итн. Нашето барање ќе биде да имаме единствена цена на чинење и ќе ја избегнеме премијата на начин што тоа ќе биде обврска на финансиската институција која што ќе понуди финансирање и таа да си го вкалкулира во сопственото финансирање. Односно, доколку повлечеме средства од 2 милијарди и доколку ние добиеме камата од 10 отсто, знаеме дека 10 отсто ни е каматата и нема да имаме плус, односно кога ќе го правиме годишниот план ќе знаеме колку треба да враќаме без таа ставка за ова, она итн. Велиме дајте да бидеме транспаретни пред луѓето и да дадеме целосен трошок, а дали банката ќе ги плаќа провизиите, ќе ги добие како донација или сл, нас не не интересира. Дајте точна каматна стапка. Уверуваме дека ќе имаме најдолга рочност за враќање, најголем грејс период и најдобра камата, потенцира вицепремиерот Николоски.