Милијардата кредит ќе биде од земја членка на ЕУ и НАТО, тврди потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски за предизборното ветување на лидерот Мицкоски во интервју за ТВ Телма.

-Не планираме да соработуваме ни со Кина, ни со Русија, ни со Саудиска Арабија итн. Заради кризата во светот, меѓународните кредитори од типот на ММФ, Светска банка, ги поскапеа парите, и одат веќе и над 5 проценти, што е исклучително скапо, рече Николовски.

Вели дека заемот ќе биде договорен влада со влада, но и дека имаат со 2 основни предуслови.

-Каматата да е пониска од меѓународните кредитори, но повторно ќе има камата тој што ќе ги позајми парите факт е дека ќе заработи, нема да ги даде како подарок тие пари, ние би биле среќни доколку каматата е под или околу 3 проценти. И, второ, да има еден пристоен грејс период и пристоен период на враќање на тој кредит, како би можел истиот да биде употребен за развој на државата, рече Николоски.

Вели дека ништо не објавиле затоа што не е постигнат дефинитивен договор.

-Не можете вие од опозиција сѐ да договарате, ќе се водат разговори коишто треба ова да го дефинираат. Ние ќе понудиме најмалку на три држави да разговараме под исти или слични услови, ќе видиме со кој ќе се договориме. Но, она што исто така можам да го кажеме е дека многу е важно, во однос на државата, каква е состојбата со задолжувањето и каква е состојбата со сервисирањето на долгот. Во моментот Македонија надмина 60 проценти јавен долг, којшто најчесто е со каматни стапки над 5 проценти. Овие средства ќе овозможат и тој долг да се репрограмира и да оди под 60 проценти, рече Николоски.

Со една држава сме во напредна фаза, но не исклучува дека може да се појават и други држави.

Што се однесува до домашните случувања, тој истакна:

-Ние во кампањата имавме едно клучно ветување и една политичка заложба. Клучното ветување беше дека ДУИ ќе оди во опозиција и во недела ДУИ ќе оди во опозиција, нешто што 20 години било мисловна именка сега станува реалност. Политичката заложба беше дека никогаш нема да дозволиме Бугарија да ја уценува Македонија и дека нема да дозволиме уставни измени под бугарски диктат, рече Александар Николоски.

Николоски укажа дека факт е дека за Македонија друга алтернатива освен евроинтеграција нема и факт дека тоа е двонасочна улица.

„Јас стојам на тоа што сум го зборувал дека доколку најголемите земји членки на ЕУ сакаат, тука не спаѓа Германија, Германија сака Македонија да почне преговори, проблемот со Бугарија ќе го решат за едно претпладне или едно попладне“, изјави Николоски.

Николоски додаде „ние немаме проблем со најсилната, туку со најслабата државата, или втората најслаба членка на ЕУ.

„Значи никој не може да ме убеди дека не можат тоа да го решат, да го решат спорот со Бугарија ако сакаат проширување. Тие не сакаат проширување затоа не го решаваат“, заклучи Николоски.