-Од Росоман можам да кажам дека за откупот на праските планираме изнаоѓање на нови пазари кои што ќе донесат подобри цени, понатаму поддршка за изградба на ладилници и за стимулирање на откупувачи, секако тука е делот на реконструкција на постојните водоводни системи за наводнување и изградба на нови системи и за тоа се предвидени големи средства во делот за земјоделие за двете ставки некаде по стотини милиони евра. Понатаму враќање на системот за субвенции кои што е правичен и кој што значи според она што го обработуваат земјоделците. Тука е и поделбата за земја, да завршиме со олигархиското и картелското делење на земја каде што огромни површини на земји ги земаат луѓе кои што не се по потекло од општината во која што добиваат земјиште и најчесто не ја работат таа земја. Така што бројни проекти планираме во земјоделието кое што треба да ја подобрат состојбите во земјоделството, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на ИЕ 4 на денешниот митинг во Росоман во рамки на претседателската и парламентарната кампања.
Николоски во текот на своето обраќање пред граѓаните од Росоман и на експресниот пат Прилеп-Градско кој е многу значаен за овој регион. Николоски вети дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го заврши овој пат до 2027 година.
-Исто така тука е и инфраструктурата, тука поминува една од најзначајните артерии за целиот пелагониски регион, за цела централна Македонија, тоа е експресниот пат Прилеп-Градско кој што е симбол за неспособноста на СДС и ДУИ. 7 години не успеа да го изградат, но исто така е симбол и за криминалот на СДС и ДУИ затоа што бројни афери се поврзани за изградбата на овој пат. Ние ветуваме дека до 2026 година ќе се завршат двете фази од експресниот пат кој што требаше одамна да бидат завршени и третата фаза која што воопшто не е почната до сега, ќе биде завршена до 2027 година како би целосно се комплетирал овој експресен пат кој што треба да ја промени состојбата со економијата, со стопанството во целиот регион, потенцираше Николоски.
На крај тој вети дека ВМРО-ДПМНЕ има уште многу други бројни проекти кои се значајни за граѓаните од овој период.
-Имаме и бројни други проекти кои се поврзани со сите области кои се од витално значење за сите вас со цел тука да остануваат луѓето, а не да бегаат надвор и да останува полето необработено, порача тој.