Димитар Ковачевски, претседателот на СДСМ кажа дека не се точни информации за евентуален бојкот на вториот круг претседателски избори на 8 мај, пренесе ТВ 21.

„Тие информации не се точни. Јас вчера на митинзите во Сарај и Чучер Сандево повикував граѓаните да излезат масовно и на 8. мај да го поддржат Стево Пендаровски и коалицијата За европска иднина на парламентарните избори. Да избереме и претседател и парламент, за Македонија да го продолжи својот пат кон европските интеграции“, рече Ковачевски.

Ковачевски повтори дека пораката од резултатите во првиот круг е примена, и дека ја очекуваат поддршката во вториот круг.

„Работевме во услови на голема пандемија, енергетска и економска криза предизвикани од војната во Украина. Свесен сум за нивото на инфлација и цените. Се обидовме да ги зголемиме и платите и пензиите секој да се справи на најдобар начин со оваа криза. Знам дека тоа не беше доволно, знам дека треба повеќе. Во новата програма имаме и зголемување на платите и на пензиите и секако многу јасни мерки во однос на владеење на правото и борбата против корупцијата“, кажа Ковачевски.