НИКОЛОСКИ: Овие донации на СДСМ беа за изборен поткуп, а банките си ја сечат гранката на која седат

/ 08.04.2020

Помош се дели во Куманово каде е носител на листа во изборната единица, Оливер Спасовски. Помош се дели во Крива Паланка каде носител на листа за пратеници е Љупчо Николовски, помош се дели во Струмица каде носител на листа е Зоран Заев. Тоа се втора, трета и четврта изборна единица, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во синоќешното на гостувањето на телевизија Алфа.

-Оваа таканаречена помош била наменета за корумпирање на гласачи, било планирано да се случи во овој период зошто да не заборавиме дека, еве денес сме вторник, во недела требаше да има избори. И точно ја темпирале на недела до десет дена пред избори да ја поделат таа тн. помош со цел да можат да ги корумпираат луѓето на кои им ја доделуваат таа помош, а дека таква пракса имаа видовме и во определени објави на италијанскиот весник „Ла верита“ каде извади докази од Јавното обвинителство за поткуп на гласачи на изминати изборни циклуси, а тоа е и јавна тајна и во Куманово и во Струмица. Така што ќе бидам директен, ова што сега го претставуваат како хуманитарна помош им било планирано за корумпирање на гласачи, им биле производите веќе нарачани, рече Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ побара и докази, доколку сакаат да го демантираат.

-За да ме демантираат, нека извадат на кој ден ја имаат платено и нека извадат спецификација колку е платено, не да извадат дека поделиле десет шишиња масло, зошто гледаме дека се десетици илјади шишиња масло и датумот да биде постар од денес за да не фалсификуваат денес кога јас ова го кажувам, истакна тој.

Тој претпоставува дека ќе има поткуп и во време на избори.

-Тие сега ова го претставуваат како донација заради тоа што формално избори нема да има, тие се одложени. Но, во тек на избори тоа е веќе сериозно кривично дело и треба да се свесни дека ќе одговараат. Ако сега може да оди како донација, но под услов ако го платите за што се сомневам. Точно се знае во кои средини и на кои ранливи групи се дава помош. Очекувам ова да се повтори за избори, но треба да бидат свесни дека пардон нема да има и за тоа ќе има сериозни казни, истакна тој.

Што се однесува до економската ситуација, тој смета дека Македонија е пред огромна криза. Таа е врзана за пандемијата, но станува збор за катастрофален економскиот тим на власта кој не знае да работи.

-Ние предлагаме мерки. Владата не ги усвојува од суета, односно ги усвојува со доцнење. И наместо да ја поддржи македонската економија и наместо за платите од март и да не оди на минималец, туку на половина од реалните трошоци и за нето плата и за придонеси, односно за бруто плата, решаваат да го одложат процесот дури до мај, односно да помогнат за априлската плата, ставаат услови кои половина од фирмите не можат да ги исполнат и затоа фирмите отпуштаат, истакна Николоски.

Освен ова, според него, друг голем проблем од кој бегаат надлежните се кредитите, односно банките.

-Треба банките да сфатат дека живеат од граѓаните и од стопанството. Доколку во тие банки граѓаните не ги оставаат своите пари, банките нема да можат да ги даваат тие пари како кредити на граѓаните и стопанството. Апелирам банките да не ја сечат гранката на која седат. Огромни профити прават и тоа е добро. Оваа година и следната можат да го земат товарот. Нивната одлука да не ги откажат каматите, односно само да пролонгираат отплата за три или шест месеци плаќање на ратите може сериозно да ја загрози економијата, зошто економската криза ќе трае далеку подолго од здравствената. И мислам дека банките во Македонија треба да престанат да се богатат на грбот на граѓаните и сега да помогнат кога е критично, зошто помагајќи им на граѓаните и стопанството си помагаат себе си. Ако граѓаните колабираат, а стопанството затвори тогаш нема да можат да им плаќаат ни основица и камата. Мислам не го гледаат, а од Владата како да не сакаат да им кажат, посочи Николоски.


Од истата категорија