После повеќе од 60 години аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид конечно е легализиран, информира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
– На последниот ден од 2025 година сакам да споделам убава вест дека охридскиот аеродром кој оперира уште од 1970-тите години конечно е легализиран, објави на својот фејсбук профил Николоски.
Изминатава година тим од Министерството за транспорт, АД Аеродроми и ТАВ, заедно со Катастар, Државното правобранителство, Управата за имотно-правни работи и други владини институции посветено работел конечно да се впише Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ во катастар и конечно овој стратешки објект да добие имотен лист. Инаку, досега, во Катастар, местото на кое е аеродрмот се водело како ливада во нечија сопственост.
-Во нормални услови ова воопшто не би било вест, но после толку години негрижа и запоставување на државниот капитал сметам дека е важно да се запознае јавноста. Во следниот период ќе работиме на модернизација и реконструкција на Охридскиот аеродром со цел да привлечеме нови туристи. Нека е убава и среќна новата 2026 година!, објави вицепремиерот Николоски.




