Во вечерашното интервју на ТВ Алсат, Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ зборуваше и за одговорноста за непочитувањето и неспроведувањето на мерките за справување со корона-кризата, во рамки на тоа и одговараше и за критиките на адреса на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
– Ние сме една од малкуте држави во Европа во која власта ја обвинува опозицијата. Комисијата за заразни болести изгуби целосен кредибилитет, бараме оставка и да се формира експертска комисија. Во однос на Чулев, мислам дека во рамки на она што е можно, се справува најдобро можно, а ако СДСМ очекуваше дека треба да тепа луѓе или да употребува водени топови на некои собири, тоа нема да го видат од ВМРО-ДПМНЕ. А претпоставувам ќе беа многу среќни да го направеше тоа, бидејќи тогаш ќе го обвинеа за прекумерно полициско насилство. Ама еве, можеби направи грешка, се прашувам, не сугерирам, што пред неколку дена не постапи кога ги видовме носителите на СДСМ без никакво почитување на мерки на големи собири насекаде по државата, можеби требаше да постапи, не сугерирам ништо, само се прашувам, изјави Николоски.
Што с еоднесува до престојната одлука з авонредната состојба, тој истакна:
-Сите информации, секако, се кај претседателот на државата, не се кај нас, ние немаме пристап до сите информации, под него е Советот за национална безбедност, но врз основа на информациите кои ги има и јавноста, сметам дека треба да биде продолжена вонредната состојба затоа што ова што го гледаме, не само денес, туку и вчера и завчера се навистина алармантни бројки, рече Николоски.
Тој направи споредба со 18 март кога првпат беше прогласена вонредната состојба, но и со земјите од регионот. „Имаме едно тотално фијаско во справувањето со корона кризата коешто чини и човечки животи“, рече Николоски.