Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, вечерва во ТВ21 рече дека не верува во кажувањата на Кастриот Реџепи кој се премисли во последен момент и не дојде на гласање за рушење на Владата. Реџепи кажа дека се откажал поради тоа што некои дипломат му кажале дека земјата има шанса да добие датум за преговори во декември.

Николоски, пак, вели дека не треба да се прави народот глупав, и дека е јасно што се случувало со Реџепи на денот кога требаше да се гласа недоверба на Владата.

„Ако продолжат со оние методи, сигурно дека Реџепи ќе го даде гласот за владечкото мнозинство. Секогаш се трудам да бидам директен. Народот е поинтелигентен. Да не го правиме народот глупав, јасно знае што се случи со Кастриот. Прво го снема и ги исклучи телефоните, па да напише статус на Фејсбук. Потоа членови на неговото семејство и син му заедно со лидерот на БЕСА Биљал Касами го пријавуваат во полиција. Се јавува со едно видео со бел ѕид позади, каде што чита еден целосно уплашен човек. Очигледно е дека понудата која ја добил е според онаа латиноамериканската серија, сега е популарна „Наркос“ кога Пабло Ескобар нуди „сребро или олово“. Затоа што нема ниту едно образложение зошто не дојде во Собранието, и зошто изгледаше така како што изгледаше“, рече Николоски.

Кога се иницираше целата работа околу ново мнозинство, идејата на пратениците на БЕСА беше последни да се потпишат на списокот, а Кастриот Реџепи да биде 61-иот, рече Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

-Толку многу зборуваше против Владата и Заев, и сакаше да биде 61-виот и ете е потпишан. Па се потпиша на четири списоци како 61-ви пратеник. Затоа што, според него, владата требаше да падне. Па и тоа беше малку, зборуваше за некое интервју кое го дал меѓу двата изборни круга дека владата треба да падне – рече Николоски на ТВ 21.

Тој додаде дека до пред гласањето Реџепи не кажал ниту еден збор против иницијативата за уривање на Владата.

-Имаше пратеник кој имаше забелешки, со кој успеавме да ги надминеме, и тоа е многу чесно и принципиелно, најдовме заеднички јазик, човекот излезе и кажа дека ќе гласа. А, вие да молчите и да не се појавите на гласање, доволно кажува дека нема добра волја – изјави Николоски.