Сметав дека е доста битно сега и таму да се каже она што го кажав, зошто пред сè тоа е организација која работи на човекови, јазични и малцински права, а потоа и поради сите кои беа присутни таму, рече вечерва на ТВ АЛФА за своето обраќање пред Советот на Европа во Стразбур потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
Николоски потенцираше дека во салата биле присутни и грчка делегација, со членови како Јоргос Папандреу и Дора Бакојани, но и бугарската, во која беше и добро познатата за македонската јавност поранешна министерка за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева.
Освен Захариева, од бугарска страна присутни биле и една од најпроминентните пратенички на новата партија на Кирил Петков, Магдалена Кунева која што беше и еврокомесар од страна на Бугарија и Христо Иванов кој е претседател на партијата Демократска Бугарија која е коалиционен партнер на оваа влада. – додаде Николоски.
Николоски рече дека му е особено драго што по завршувањето добил аплауз од скоро целата сала што ретко се случува во Стразбур.
– Мислам дека македонскиот народ како еден напатен, намачен и мал народ мора секогаш да ги искористи тековите на светската политика и историја. Не смееме веќе како народ да бидеме наивни и да одиме спротивно на ветрот. Македонскиот народ до сега двапати ги искористи тековите на историјата и многу пати отиде спротивно на ветрот. Тие двапати кога ги искористи тековите направи држава, првиот пат е Втората светска војна кога македонскиот народ ја избра вистинската страна, антифашистичката страна. – кажа Николоски.
Тој рече дека во тие 45 години, пред сѐ дејци на ВМРО сонувале за независна и обединета Македонија со демократско парламентарно уредување и прозападен протекторат. Николоски продолжи и кажа дека кога почнал да паѓа комунизмот, македонскиот народ ја препознал таа шанса, успеал да се извади од поранешна Југославија низ еден демократски референдум и да создаде своја држава.
Токму во моментот кога Николоски го спомна негирањето на македонската нација и тврдењето дека сме творештво на Тито, таа запрепастено ја крева главата и се врти кон Николоски. Тој открива и дека после говорот добил силен аплауз од сите во салата, што е реткост на вакви седници.