„Некој нека направи анализа, затоа што тој (Груевски, н.з.) извади дури и книга од фејсбук-статуси, дали од објавувањето на францускиот предлог до обзнанувањето од наша страна на тоа што се прави зад сцената, има кажано збор за францускиот предлог или за барањето да се промени Уставот. Јас ќе ви кажам – збор нема кажано, Овие случувања се месеци наназад, има интензивна комуникација со претставници на ДУИ, што е добро прашање и за нив бидејќи се дел од власта, а има комуникација и со претставници на СДСМ со кои се разговараат варијанти кои не се во корист на Македонија, а после е партискиот интерес“, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

ВМРО-ДПМНЕ беше претолерантна кон Никола Груевски затоа што тајните разговори се водат година ипол, а интензивно од февруари – тврди Николоски во одговор на прашањето зошто лидерот Христијан Мицкоски не дозволи да станат очигледни и видливи нештата за кои го обвинува екс лидерот на партијата и реши „прв да пука“. Иако случувањата биле зад сцената, дел од обидите да се наштети на партијата биле јавни, додава Николоски, посочувајќи ги обидите да се издејствува вонреден партиски конгрес и т.н. Мериот-коалиција.

Дополнително, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски споделувал јавни ставови за многу прашања, но не и за прашањето за уставните измени.

– Го видовме Груевски како има став за се и сешто, дури и за тунелите под Водно. Но не го слушнавме до сега да има став за начинот на кој се промени името и за дејствувањето на Сашо Мијалков – рече Николоски.

Во однос на прашањето дали во ВМРО-ДПМНЕ поседуваат докази за нивните тврдења против Груевски, Николоски вели дека постојат два аспекта.

„Никој нема намера да биде таен агент и да собира докази по странски држави. Тоа не е работа на ВМРО-ДПМНЕ, а треба да одговори поранешниот претседател на партијата зошто е во комуникација со еден од првите луѓе во безбедносните структури во Македонија подолг временски период, ама треба и тој од безбедносните структури да одговори – зошто ја прави таа комуникација и колку е тоа законски. Во однос на политичкиот дел, многу јасно е тоа дејствување кога ќе видите дека стига од 4-5 страни и кога ќе видите на кој начин тоа се случува, од разни политички актери кои на политичката сцена се најголеми противници на ВМРО-ДПМНЕ, а се најголеми поддржувачи на поранешниот претседател на партијата“, посочува Николоски.

На забелешката дека Груевски немаше настап против ВМРО-ДПМНЕ додека не беше нападнат од Мицкоски, Николоски негира со образложение дека тоа можело да се насети во последните фејсбук-објави на поранешниот премиер.

„Два дена пред да излезе интервјуто (на Мицкоски за ФАЦ, н.з.), имаше пост во кој се демантираа изјавите на Ахмети. Во истиот настап вели дека со раководството нема комуникација и е екскомунициран откако побегна од државата, но тоа не се кажуваше години наназад кога СДСМ водеше пропаганда дека се добиваат инструкции. Зошто на почеток не се случи таков демант, туку се хранеше таа пропаганда што сега цела јавноста гледа дека не било вистина“, вели Николоски.

Тој додава дека до нив стигнале информации оти на денот на прославата на годишнината од членството во НАТО, на средба кај претседателот Пендаровски на која присуствувале првите луѓе во државата, тема била тактиката што се употребувала за промена на името, при што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го покренал прашањето да се дејствува по истата аналогија и за актуелното прашање за уставните измени.