Во својот завршена збор на денешното рочиште по тужбата од Заев против Александар Николоски за клевета, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна:

Тужбеното барање на тужителот е неосновано од повеќе причини. Имено, спорната изјава од моја страна е дадена во целост во согласност со правото на слобода на изразувањето, загарантирано со Уставот на РМ и Европската конвенција за човекови права. Правните основи за тоа се следните:

 Чл.16 од највисокиот правен акт – Уставот на РМ, според кој се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Цензурата е забранета.

Согласно чл.2 ст.1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, основно начело на овој закон е дека законот ја гарантира слободата на изразување и информирање како една од битните основи на демократското општество. Согласно ст.2 од истиот член, ограничувањата на слободата на изразување и информирање законски се уредуваат со определување на стриктни услови за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во согласност со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (член 10) и практиката на Европскиот суд за човекови права.

Слободата на изразување е регулирана со чл.10 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи (Европска конвенција за човекови права – ЕКЧП). Според чл.10 ст.1 од оваа конвенција, секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа. Според ст.2 од истиот член, остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

 Со цитираниот чл.10 од ЕКЧП, јасно е загарантирана слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите, од каде јасно произлегува ниту судот, како носител на една од властите во државата – судската власт не може да одлучи поинаку и надвор од Уставот на РМ и ЕКЧП како меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот.

Со ст.2 од цитираниот чл.10 од ЕКЧП јасно се определени рамките во кои може да се движат ограничувањата на слободата на изразувањето кои државите потписнички на конвенцијата (а со тоа и РМ) можат да ја формализираат, условат, ограничат и/или санкционираат слободата на изразувањето, а тоа е само со цел заштита на државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството. Во конкретниот случај, со дадената изјава од моја страна не се задира во ниту една од овие области, од каде јасно произлегува дека нема основ за утврдување на одговорност за клевета поради дадената изјава, а уште помалку основ за мое задолжување со паричен надомест за нематеријална штета поради повреда на личните права на чест и углед на тужителот.

Непостоње на одговорност за клевета во смисла на чл.9 ст.2 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета:

Согласно чл.9 ст.2 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, тужениот кој ќе ја докаже вистинитоста на своето тврдење ИЛИ ќе докаже дека имал основана причина да поверува во неговата вистинитост нема да одговара за клевета.

Во конкретниот случај, во целост се исполнети условите за непостоење (исклучување) на моја одговорност за клевета, од причина што јас во смисла на цитираната законска одредба имав основана причина да поверувам во вистинитоста на своето тврдење, од причина што голем број на печатени и електронски медиуми, подолг временски период известуваа за случајот. Исто така надлежниот јавен обвинител кој го води случајот „Рекет“ на 19.07.2019 година изјави: „Имам сознанија за други случаи, но не можам да ви кажам за колку лица се работи. Тие лица дадоа изјава и сега бараме докази за да ги потврдиме исказите“. Тоа јасно сугерира дека се работи за повеќе од едно лице. За оваа изјава на обвинителот, доставив доказ кон одговорот на тужбата – извадок од текст објавен на веб страната dw.com/mk од 19.07.2019 година.

До мене, како потпретседател на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ, стигнаа бројни информации од граѓани, кои ми презентираа кредибилни сознанија дека во случајот „Рекет“ предмет на уцена или рекет биле повеќе од еден бизнисмен и сумата на побарани средства надминува над 20 милиони евра. Овие информации сугерираа дека се работи за добро планирана акција на чиј врв на координација е врвот на власта и политичката партија СДСМ и лично претседателот на Владата и на партијата – Зоран Заев. Овие информации добија своја потврда во подоцнежниот период.

Во таа насока, јас решив овие информации да ги споделам со јавноста, како би отворил јавна дебата и соодветно да се провери дали овие информации се вистинити.

Значаен е и временскиот контекст на мојата изјава и она што и претходеше. Имено, спорната изјава е дадена на 28.08.2019 година. На истата и претходеше отворањето истрага од обвинителството за случајот „Рекет“, како и објавувањето на видео и аудио материјали поврзани со истиот, исто така веќе до мене стигнаа и бројни информации од граѓани. Затоа на 10.08.2019 година во моја изјава за медиумите изјавив дека: „Она што утрово го дознавме е тоа што ВМРО – ДПМНЕ го зборуваше целиот изминат период е вистина, а тоа е дека за се бил информиран Зоран Заев и како што напишав и јас во една колумна некаде кога изби скандалот тој бил „капо ди тути капи“ на целата оваа операција, односно бил детално информиран за сите активности каде што има вмешани, односно рекетирани многу повеќе бизнисмени од овој еден кој што го гледаме во моментот, сумите се вртоглави и надминуваат некаде 20-тина милиони евра“. За ова кон одговорот на тужба доставив како доказ извадок од текст објавен на веб страната skopje1.mk од 10.08.2019 година, со наслов: „Николоски: Она што утрово го дознавме од бомбата е дека за се бил информиран Зоран Заев“. Оваа изјава не беше на ниеден начин демантирана во средствата за јавно информирање. Изјавата од 28.08.2019 година – предмет на овој спор е само потврда на изјавата дадена 18 дена претходно. Самиот факт што не стигна демант ниту од Зоран Заев, ниту од обвинителството, ниту од политичката партија СДСМ наведе да заклучам дека се работи за вистинит исказ. Доколку постоеше таков демант, истиот како доказ ќе беше доставен од тужителот во оваа постапка.

Во периодот кој што следуваше по 28.08.2019 година во јавноста излегоа бројни сознанија за случајот „Рекет“, што само ги потврди моите наводи во изјавата, за што кон одговорот на тужба приложив докази – извадоци од текстови објавени на веб страници.

 

Она што сакам особено да го потенцирам е тоа дека тужителот во текот на постапката, а пред се на рочиштето за сослушување на странки од 02.06.2021 година прави обиди да го увери судот дека јас, како тужен не сум ја докажал вистинитоста на своето тврдење, односно дека не сум доставил докази за вистинитост на својата изјава, без да ја има во предвид целосната содржина на одредбата на погоре наведениот чл.9 ст.2 од Законот за граѓанска одговорност за навреда, според кој лицето кое ја дало изјавата, во конкретниот случај – јас како тужен, нема да одговара за клевета доколку:

 

ја докаже вистинитоста на своето тврдење ИЛИ

ќе докаже дека имал основана причина да поверува во неговата вистинитост нема да одговара за клевета.

 

Оттука, јасно произлегува дека за непостоење (исклучување) на одговорност од страна на давателот на изјавата не е потребно единствено да се достават докази за вистинитоста на тврдењата содржани во изјавата, туку да се докаже дека лицето давател на изјавата имало основана причина да поверува во вистинитоста на тврдењата, а таквите основани причини се докажаа во текот на постапката од моја страна, како од доказите кои ги доставив во постапката, така и од мојата конкретна елаборација која ја дадов давајќи го мојот исказ на рочиштето во својство на странка.

 

Во таа насока е и изјавата од обвинетиот Бојан Јовановски: „Парите барајте ги кај Зоран и Вице Заев“, за што доставив доказ видео снимка – ЦД и импринт на рочиштето од 24.09.2020 година, а презентирано на рочиштето од 12.02.2021 година, кое видео е снимено во судница на Кривичниот суд.

 

Посочувам дека од особено значење се причините, односно целта поради кои е дадена оваа моја изјава, а тоа е политичка дебата помеѓу власта и опозицијата, што е нормална пракса во едно демократско општество, опозицијата да ја критикува власта, па во оваа смисла воопшто не се точни наводите на тужителот дека изјавата била дадена со цел да се наруши неговата чест и углед. Како одговорен политичар сметам дека е битно јавноста да дебатира во однос на секакви форми на корупција, со цел истите да бидат изнесени во јавност и надлежните органи да ги проверат наводите за тоа и соодветно да одлучат дали има или нема случај.

 

Уште еднаш предлагам судот при донесувањето на одлуката да ја има во предвид праксата на Европскиот суд за човекови права од Стразбур.

 

Така, во предметот Макрадули против РМ, во времето на настаните – 2007 година, таму тужителот Јани Макрадули бил потпретседател на опозиционата партија СДСМ, како што и во конкретниот случај тука тужениот во времето на настанот, како и во овој момент е потпретседател на опозициона партија – во случајот ВМРО-ДПМНЕ. И во тој случај, како и во овој случај, изјавата на Макрадули за која од домашните судови правосилно било утврдено дека се работи за клевета била дадена на телевизиски медиум – тогашната А1 Телевизија. Макрадули поднел и барање за заштита до Уставниот суд на РМ со образложение дека неговата осуда го повредила правото на слобода на изразување. Уставниот суд со мнозинство гласови го одбил барањето на Макрадули.

 

Европскиот суд за човекови права од Стразбур во точка 62 својата пресуда наведува, цитираме: „Судот повторно укажува дека тој секогаш правел разлика меѓу тврдења за факти и вредносни судови. Постоењето на факти може да се докаже, додека вистинитоста на вредносните судови не подлежи на докажување. Невозможно е да се исполни условот што налага да се докаже вистинитоста на вредносен суд и тоа ја повредува самата слобода на изразување, која е фундаментален дел на правото обезбедено со членот 10. Меѓутоа, кога едно тврдење спаѓа во вредносен суд, сразмерноста на мешањето може да зависи од тоа дали постои доволна „фактичкка основа“ за спорното тврдење: ако нема, тој вредносен суд може да е прекумерен. Со цел да се направи разлика меѓу тврдење за факти и вредносен суд, неопходно е да се земат предвид околностите на предметот и општиот тон на забелешките, имајќи на ум дека тврдења за прашања од јавен интерес можат, врз таа основа, попрво да претставуваат вредносни судови, отколку тврдења за факти. Сепак, треба да се констатира дека таа разлика е од помала важност кога спорната изјава била изнесена во текот на жива политичка дебата, каде што избрани вршители на функции ТРЕБА ДА УЖИВААТ ШИРОКА СЛОБОДА ДА ГИ КРИТИКУВААТ ДЕЈСТВИЈАТА НА ВЛАСТА, ДУРИ И КОГА НА ТВРДЕЊАТА МОЖЕ ДА ИМ НЕДОСТИГА ЈАСНА ФАКТИЧКА ОСНОВА (видете, mutatis mutandis, Lombardo and Others против Малта, бр.7333/06, 24 април 2007 година).“

 

Во точка 65 од пресудата е наведено, цитираме: „Во однос на апликантовиот статус, судот забележува дека во тоа време тој бил потпретседател на опозициона политичка партија. Тој ги изнел спорните изјави на конференција за печат одржана во неговата политичка партија. Во такви околности, судот прифаќа дека тој ги дал тие изјави во име на партијата и следствено, во политички контекст.

 

Во точка 69 од пресудата е наведено, цитираме: „Во демократско општество дејствијата и пропустите на власта мора да бидат подложни на внимателно испитување, не само од легислативните и судските органи, туку и од јавното мислење (видете Dimitrievskiy против Русија).“

 

Понатаму, во точките 84 и 85 од пресудата на Европскиот суд е наведено, цитираме: „Со оглед на наведеното, тој (се мисли на судот) смета дека стандардите применети во спорната постапка не биле компатибилни со принципите содржани во членот 10 и дека домашните судови пропуштиле да постигнат правична рамнотежа меѓу спротивставените засегнати интереси. Затоа, мора да се заклучи дека мешањето било несразмерно во однос на легитимната цел чие остварување се настојувало да се постигне и „не било неопходно во демократско општество“ во смисла на членот 10 став 2 од Конвенцијата.

 

Крајно Европскиот суд со точка 3 од изреката на својата пресуда одлучува дека имало повреда на член 10 од Конвенцијата.

 

Пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот Макрадули против РМ е доставена кон одговорот на тужба.

 

Понатаму во предметот Ломбардо против Малта, Европскиот суд во својата пресуда, во точка 37 и 39 наведува, цитираме: „Поднесителите на жалбата доставија дека санкциите наметнати врз нив да платат отштета и судски трошоци претставуваат мешање во нивното право на слобода на изразување. Во секој случај, жалителите произнеле дека написот објавен во „Ин-назјон Тагна“ бил легитимна критика на делувањето на локалната власт, рамна на субјективна оценка која не е подложна на докажување.“

 

Судот во својата пресуда, со точка 43 наведува: „Што се однесува до позицијата на жалителите, судот забележува дека првите тројца жалители се советници на Локалниот совет на Фгура како и автори на статијата во прашање, кој била напишана како одговор на претходна статија објавена од страна на градоначалникот на Фгура. Во оваа смисла, судот потсетува дека иако слободата на изразување е важна за секого, таа е од особена важност за избраните претставници на народот. Тие го претставуваат избирачкото тело, привлекуваат внимание на нивните постапки и ги бранат своите интереси. Соодветно на тоа, пречките во нивната слобода на изразување се повик за остро набљудување од страна на судот. Четвртиот жалител е уредник на весникот во која е објавена статијата. Според судот за прекршоци, тој бил свесен за контроверзиите и верувал дека коментарот бил оправдан; тој, исто така, му дозволил на Локалниот совет право на одговор. Судот потсетува дека печатот исполнува суштинска функција во едно демократско општество. Иако тој не треба да преминува одредени граници, особено во однос на угледот и правата на другите, негова должност е сепак да пренесе – на начин во согласност со своите обврски и одговорности – информации и идеи за сите прашања од јавен интерес.“

Пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот Ломбардо против Малта е доставена кон одговорот на тужба.

Со оглед на наведеното, тужениот му предлага на судот да донесе пресуда со која тужбеното барање на тужителот ќе го одбие како неосновано.