Благодарам на присуството, еве навистина присуствуваме на еден убав настан и би сакал да честитам на градоначалникот, на советниците исто така, на членовите на Советот, на сите вработени во Општината за тоа што општината континуирано во изминативе две години се развива, ова денеска преку изјава до медиумите го истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
„Општината е во исклучително тешка ситуација, градоначалникот ја затекна Општината со огромен долг, во моментот долгот е некаде над 100 милиони денари, што за вака една мала општина е навистина голем товар. Но, самото тоа што и со огромен долг кој што е наследен од неговите претходници успева да менаџира и да изработува проекти, говори за посветеноста и за напорната работа. Така ќе биде и после следните парламентарни избори. Ние предвидуваме огромни средства да се слеваат директно во општините. Имено, планираме околу 250 милиони евра од капиталните расходи од Буџетот. Секоја година да доаѓаат во општините и тие да бидат распоредувани рамномерно според бројот жители во секоја општина и според економскиот перформанс“, вели Николоски.
Тој додава дека тоа значи дека во рок од 4 години некаде над 4 милиони евра ќе влезат тука во општината само од Буџетот директно како дотација со којашто ќе може општината да се развива и да работи на нови проекти кои што ќе бидат од корист на граѓаните.
„Сето она што им е потребно на граѓаните во делот на инфраструктурата да се заврши, да се изработи и конечно после четири години темата локална инфраструктура да ја затвориме со цел да имаат сите жители на сите населени места во Македонија едно поубаво место за живеење. Така што уште еднаш еве честитки и благодарам на поканата“, вели Николоски.