Кога веќе објавуваат мерки, потребно е Комисијата за заразни болести да ги каже епидемиолошките цели поради кои се предлагаат тие мерки, во исто време треба да се објави и објасни кога се планираат тие цели да бидат остварени. Во спротивно, сè што прават Комисијата и Филипче претставува еден обичен пиар. Треба да се одговори зошто досегашните мерки што ги имавме, наместо резултати, дадоа пролонгирана агонија. Ги навикнаа граѓаните на 20, 30, па и 40 починати во текот на денот, во текот на 24 часа. Ги навикнаа граѓаните на 30-35 отсто позитивни од вкупно тестирани во 24 часа, изјави д-р Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција во врска со најновите мерки на Заев и Филипче за корона кризата.
Според него, здравството се претвори во ковид-здравство.
„Последна клиника што станува ковид-клиника е Клиниката за трауматологија, а наверојатно со оваа динамика и со овие мерки-немерки набргу и целата зграда на Хирургија ќе стане ковид во кампусот клиники „Мајка Тереза“. И наместо претворање на целокупното здравство во ковид-здравство и лекување само една дијагноза, требаше да се загрижат и да ги згрижат другите пациенти, другите заболувања и другите дијагнози. Наместо мерки за бенефит на граѓаните, денес се носат задоцнети мерки, кои нема да променат ништо. Заболените од Ковид-19 плаќаат само 4.000 денари за да обезбедат антикоагулантна терапија, која не може да се купи ниту на приватно. За овие граѓани се потребни субвенции.
Наместо 3-4 карантин-викенди, како што предлагаа експертите епидемиолози претходно, со цел да се стави епидемијата под контрола, денес повторно се предлагаат мерки-немерки, кои тешко дека ќе дадат видливи резултати, ниту се објавува кога овие резултати ќе ги видиме. Наместо промена на протоколите од примарно до терциерно ниво и нивна дистрибуција до целокупниот медицински и немедицински персонал, се одвлекува вниманието со некакви мерки за порано затворање на рестораните и кафулињата. Наместо мапирање на целокупниот медицински персонал за да се види неговата расположливост за да биде вклучен во битката со Ковид-19, јавноста се замајува со некакво наградување на медицинарите што биле на првата линија на борба со короната, а за таквото наградување ниту имаше и ниту има трага и глас. Наместо одговорност, лагите и пиарот бесрамно продолжуваат. Потребна е или да се промени и професионализира Комисијата за заразни болести или одговорност на Заев и Филипче“, додаде Николов.