По 15 години во земјава се спроведува нова, храбра, искоординирана реформа што ќе го зголеми домашното производство на храна, рече денска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Николовски, кој е еден од учесниците на владината конференција „Година на нови можности“, се осврна на новиот модел за субвенционирање, информира дека се во тек постапките за изградба на трите откупни пункта – во Скопје, Ресен и Струмица и уште еднаш ја нагласи поддршката за вистинските земјоделци, младите и жените.

-Ако нешто може да се нарече реформа, тоа е она што денес се случува во земјоделството. Со новиот модел на субвенционирање се елиминираат сите манипулации и неправилности, ја намалуваме сивата економија и поттикнуваме домашно, договорно производство, рече министерот на панелот 4 „Рамномерен регионален и локален развој и придобивки од новиот систем за субвенции во земјоделството“.

Тој потсети дека оваа Влада наследи многу заостанати субвенции, но денес, како што потенцира, долговите се расчистени.

-Денес зборуваме за усогласување на нашиот земјоделски сектор со ЕУ стандардите, за вистински, сериозни реформи. Со новиот систем, 30 отсто од субвенциите ќе бидат исплаќани авансно, во текот на годината, но обврска е да се одржуваат површините обраболтиви. Притоа, се селектираат битните земјоделски култури. Има основна субвенција за сите култури и дополнителна субвенција за 24 – 25 култури, предвидена е зголемена контрола и се бараат повисоки стандарди од земјоделците. Моделот се врзува со производството. Ќе треба да се докаже производството за да се добијат 100 отсто субвенции, што досега не беше случај, подвлече Николовски.

Говорници на панелот се и министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, министерот без ресор задолжен за дијаспора, Џемаил Чупи, како и директорката на консултантската фирма „Агротим“, Ленче Николовска.