Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски очекува со првиот ИПАРД 3 повик да се стават на рапсолагање над 30 милинои евра во еден ден.

Како што рече денеска на владината годишна конференција „Година на нови можности“, денес веќе нема село во кое ја нема таблата на ИПАРД.

Николовски очекува и акредитација на четири нови мерки: рурална јавна инфраструктура како помош за општините, „лидер“ за локалните акциски групи, советодавни услуги за земјоделците, како и агроеколошки мерки за климатско адаптирање на македонското земјоделство.

-Се очекува заокружување на оваа постапка во Собранието, но факт е дека Европската комисија ни додели 62 отсто зголемен буџет од претходниот ИПАРД. Европската комисија одлучи 97 милиони евра да биде износот на ИПАРД 3, а ако на ова се додадат националното кофинансирање и сите инвестиции од корисниците, тоа се 210 милиони евра за модернизација на македонското земјоделство во следните седум години, истакна Николовски на панелот „Рамномерен регионален и локален развој и придобивки од новиот систем за субвенции во земјоделството“.