Горд сум на мојата земја, но истовремено и многу среќен што токму С. Македонија е земја лидер во регионот со 98 отсто искористеност на средствата и 2.300 склучени договори, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски во Подгорица во Црна Гора.
– Во заедничкото обраќање со министерот Владимир Јоковиќ пред црногорскиот народ ја открив формулата на успешноста во реализација на ИПАРД програмите, со надеж дека ќе го земаат нашиот пример и правилно ќе ги насочат и алоцирираат насоките кои денес ги споделивме, појасни Николовски, кој е во посета на Подгорица.
Тој натаму додаде:
– Првенствено акредитиравме мерка за техничка поддршка, оддржавме над 100 инфо денови во над 200 населени места, реализиравме многу ПР активности, работилници, брошури упатства…изградивме имиџ помеѓу нашите граѓани дека целокупната документација мора да е до перфекција подготвена, додаде Николовски.
Министерот појасни дека преку Иницијативата Отворен Балкан пак континуирано земјите членки си помагаат во снабдувањето со храна, струја или енергетски ресурси. Расте трговската размена, се скратува времето за сите административни царински и инспекциски процедури. Се креираат нови иницијативи, заеднички активности, се шират и почитуваат културните вредности, но и се мотивираат младите да се здружуваат, запознаат и почитуваат.
– Затоа со цело срце, поканата за пријателска Црна Гора е отворена, како држава ќе ја имате целосната наша поддршка. Нема друг пат освен да се здружиме и да ги отвориме границите помеѓу нашите земји. Се надевам дека за брзо време ќе можеме да кажеме „Црна Гора добредојде во Отворен Балкан“, подвлече Николовски.