Во оваа светска криза, повикувам на смиреност. Најважно е заеднички со земјоделците и извозниците да ги разгледаме сите опции за пренасочување на пласманот кон други, алтернативни пазари. Граѓаните треба да знаат дека во овие тешки моменти наоѓаме начин и креираме соодветни мерки за да ги ублажиме последиците, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Според Николовски, Министерството е во редовна комуникација со сите стопански комори, со економските партнери и со сите дипломатски претставништва за заеднички да се изнајде решение кое ќе ја одржи стабилноста на извозот.

Во синоќешното гостување на ТВ 24, Николовски уште еднаш потенцира дека состојбата будно се следи. Се прават анализи за трговската размена со Русија и Украина, базирани на факти и аргументи.

-Во период на светска економска криза, преку дополнителни механизми и средства помагаме за развој на домашното производство. Заедно со мојот тим силно работиме на мерки и политики преку кои ќе го анулираме растот на трошоците. Вкупно 250 милиони денари се предвидени за Интервентниот фонд кој прв пат се воведува оваа година, преку субвенции и мерки што ќе значат поддршка и на сточарството и на растителното производство. Дваесет отсто субвенции за набавка на вештачки ѓубрива, 400 денари за предадено јагне во кланичен капацитет, 1500 денари по грло за гоеници и дополнителни средства за зелена нафта 70 отсто, а веќе од наредната година и 100 проценти поддршка, се само дел од мерките со кои го поддржуваме домашното земјоделство, рече Николовски.

Во врска со најавената забрана за извоз на жито од Србија, министерот потврди дека тоа нема да важи за земјава.

-Добивме уверување од Србија дека извозната забрана нема да важи за количините пченка и пченица најавени за нашата мелничка индустрија. Преработувачите ќе можат да ги увезат планираните количини од северниот сосед. За ова веќе искомунициравме со српското Министерство. Преку Отворен Балкан разменуваме информации во реално време, а на мое барање инициравме и онлајн состанок со сите министри од регионот за да ги разгледаме сите опции, сите политики, сите потреби на министерствата, стопанствата и земјоделците, истакна Николовски и дополни дека министерствата за земјоделство на двете земји континуирана комуникација за сите земјоделски производи што се извезуваат и узвезуваат од двете страни, вклучително и за пченица и пченка.

Синоќа во Владата, потсети министерот, заседаваше и Економскиот совет кој ги разгледува сите можности за дефинирање нови мерки за поддршка на граѓаните и стопанството.

-Владата со сите напори, со сите капацитети и ресурси, ќе излезе со предлог мерки за поддршка на граѓаните, подвлече министерот.

По Економскиот совет, Владата преку соопштение информираше дека е во тек подготовката на можни нови мерки кои во најскоро време ќе се најдат на владина седница.

-Беа разменети мислења, сугестии и предлози околу потребните мерки што како државна помош треба да бидат земени предвид при креирањето на политиките за ублажување на последиците од најдлабоката криза во современата историја, наведува владината прес-служба.

На состанокот со кој претседавал премиерот Димитар Ковачевски, покрај  членовите на Економскиот совет присуствувале и претставници од академската заедница, гувернерката на Народната банка, како и претставници од стопанските комори, поголемите компании, синдикалните организации, како и експерти од економскиот и финансискиот сектор.