Новиот вицепремиер за борба против корупцијата се уште не седнал во фотелјата на нововостановената функција, а веќе „има резултати“ во сузбивањето на корупцијата во Македонија, барем според изјавите на владините функционери.
Вчера беше соопштено дека „значаен напредок на РС Македонија во борбата со корупцијата нотира во најновиот извештај Телото на Советот на Европа кое се занимава со мониторинг на антикорупциските стандарди во земјите – ГРЕКО“.
Со тоа, како што беше соопштено, „нашата држава направи голем исчекор напуштајќи ја групата на „глобално незадоволителни“ држави и зачекори кон исполнување на препораките на ГРЕКО од петтиот круг на евалуација“.
За вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човек ресурси, Љупчо Николовски, овој напредок претставува дополнителен стимул и поттик на заложбите на Владата за градење на стандарди и принципи за превенција од корупцијата во сите области.
Станува збор за 19 препораки за превенција во делот на корупцијата во Парламентот, судството и обвинителството, од кои земјава нема исполнето само две. Целосно се исполнети девет препораки, а делумно осум препораки.
Според министерот за правда Бојан Маричиќ, сега Македонија е чекор поблиску до ЕУ, но сепак работата не завршува тука и има уште многу да се сработи.
Тој потенцира дека ГРЕКО го констатирала фактот дека последните два мандати министрите за правда не присуствуваат на седниците на Судскиот совет, како и дека со новиот Закон за судски совет правото на глас на министерот за правда во ова тело е одземено.
– Сепак, ГРЕКО остана на ставот дека оваа препорака ќе се смета за исполнета само откако ќе се измени Уставот на РС Македонија каде што е утврдено дека министерот за правда учествува во работата на Судскиот совет, меѓутоа ние направивме се што е во моќ на Владата со сите останати правила и со практиката да не учествуваме и да не влијаеме како Влада во работата на Судскиот совет, рече Маричиќ.
Како што посочи првиот човек на Министерството за правда преземени се мерки за јакнење на независноста, департизираноста и интегритетот на судиите поротници што е констатирано и поздравено од ГРЕКО, а усвоен е кодекс за судска етика, водич за негова примена и формирано е тело за негова имплементација што е посебно поздравено од ГРЕКО, особено одредбите за забрана на примање на подароци и услуги.
-Ќе продолжиме уште попосветено да работиме на исполнување на препораките на ГРЕКО од петтиот круг на евалуација коишто се на тема спречување на корупција и промовирање на интегритет кај централната власт, највисоките извршни функции и органите за спроведување на Законот којшто започна во 2017 и со доставување на евалуацискиот прашалник за овој круг од страна на ГРЕКО продолжува да се работи, најави Маричиќ вчера на прес-конференција.
Од новите 23 препораки кои ГРЕКО и ги упати на Македонија, девет се однесуваат на централната власт и 14 на органите за спроведување на законот, односно Министерството за внатрешни работи.