Следната 2023 година ќе биде година на историски најголем број на акции за пошумување и засадени дрвја, соопшти денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Тој се пофали дека денеска со млади љубители на природата засадиле 100.000 дрвца, што е добро, ако навистина се засадени толку дрвца.
– Заедно со младите љубители на природата извидниците од извидничките одреди “Скаут” и “Наум Наумовски Борче”, денеска на опожареното подрачје во село Петралица засадуваме над 100.000 садници од бор и багрем. Наша цел е зелена транзиција и еве веќе четврти викенд по ред, имаме големи акции на пошумување ширум државата. Оваа акција која денес ја реализираме е составен дел од Програмата за проширена репродукција за развој и унапредување на шумскиот фонд. Следната 2023 година ќе биде година на историски најголем број на акции за пошумување и засадени дрва. Ајде заедно да пошумуваме, да ги чуваме и унапредуваме шумите. За нас, за нашите деца, за нашата иднина, објави Николовски на својот профил на Фејсбук.
Ваквите акции се добродојдени за зачувување на природата, но да не служат само за сликање и промоции, туку навистина бројките кои се објавуваат да одговараат на бројките на засадени дрвца во опожарените места и не само таму.