Владата потврдува дека е на вистинскиот пат, има целосна поддршка во Собранието и не гледам причина за какви било промени, рече денеска вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.
Тој ги упати новинарите прашањето дали во мај може да се очекува реконструкција на Владата, да му го постават на премиерот, кој воедно е и мандатар.
Според Николовски, оваа Влада неколку пати го потврдува парламентарното мнозинство, а од другата страна е опцијата која, за жал, ги потсети граѓаните на режимот во кој владееше.
-Прашањето може да му го поставите на мандатарот, а тоа е премиерот, кој може да предложи зависно од успешноста и исполнувањето на задачите на министрите. Оваа политичка Влада неколку пати го потврдува парламентарното мнозинство. Од другата страна имаме опција која, за жал, ги потсети граѓаните на режимот во кој владееше, на затворањето, несигурноста, тепачките и притисокот врз медиумите, на се она против кое се боревме. Денес имаме меѓународни инстутиции кои за среќа потврдуваат дека сме слободни, дека сме демократсјка земја која е е на вистинскиот пат. Реализираме проекти и за идните генерации, а еден од нив е Законот за потекло на имот од кој се плашат. Имаме програма за работа на Влада на чија реализација сме целосно фокусирани, како и мандатни писма по кои се раководиме. Очекувам силна поддршка и од граѓаните токму за овие крупни, историски, генерациски процеси во кои сме влезени и кои треба да ги истераме до крај, рече Николовски на прес-конференција во МЗШВ.