СДСМ започна постапки за избор на најодговорните кандидати за пратеници од независноста па до сега, рече генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.
– СДСМ е отворена партија! Даваме можност за самокандидирање и на личности кои не се дел од СДСМ, а се докажани индивидуи, кредибилни и препознаени во средината, кои ги поддржуваат нашите политики и имаат идеи да ги надградуваат нашите политики. Ве повикувам, сите професионалци, чесни и угледни индивидуи, кои споделувате социјалдемократските вредности, и кои имате порив и определба да направите добро за својата земја, веќе од 7 февруари да доставите кандидатура за пратник или пратеничка. Програмата на СДСМ носи храбри решенија, приклучете се! На нашите кандидатски листи младите ќе бидат застапени со 30 отсто млади, а за првпат ќе воведеме целосна родова рамноправност од 50 отсо жени и 50 отсто мажи, рече Николовски.
Нашите кандидати, додаде тој, ќе го водат патот до победата на овие избори.
– Ќе го унапредиме Парламентот уште повеќе, да биде Дом на сите граѓани, Дом во кој се носат прогресивни одлуки за доброто на народот, Дом кој ја влече земјата напред. Сето она што го постигнавме досега, ни дава сигурност дека можеме да обезбедиме одговорно собрание, а со тоа и способна држава. СДСМ е подготвен, СДСМ е модерна, европска, државничка партија која оди на победа на 12 април, рече Николовски.