Носителот на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 4, Александар Николовски денеска излезе со тврдење дека лидерот на СДСМ Зоран Заев и неговото семејство почнале да го селат својот капитал.
-Дека е така, покажува и фактот што Заеви почнаа да го селат капиталот од Македонија. Имено семејството Заеви се јавува како странски инвеститор во Република Бугарија. Јас јавно повикав пред една недела да излезе во јавноста и да каже дали неговото семејство се јавува како странски инвеститор во најмалку две европски држави. Еве едната ја објавувам денес, тоа е Република Бугарија. Но денес нема одговор, и бидејќи нема одговор решив јас да се произнесам на јавноста и да ги презентирам документите, вели Николовски.
Тој прашува дали тие се спремаат за бегство по, како што рече поразот на парламентарните избори на 15 јули.
-Домашните фирми, односно фирмите во Македонија кои што се во сопственост на Заеви веќе се селат односно мигрираат во Бугарија. Односно тамошните фирми веќе стануваат сопственици на фирмите кои што Заеви ги поседуваат во Македонија. Покрај досега објавените фирми кои што се во сопственост на Заеви во Бугарија, а тоа се: „Ориент Груп“, „Гомасидра“, „Радиша Трејд“. Сите формирани во Бугарија откако Зоран Заев е на власт. Основани се две нови после претседателските избори кога веќе мирисаше на скандалот „Рекет“, вели Николовски.
Додава дека двете нови фирми, кои се во сопственост на Трајче Заев и Бобан Заев се основани на 13 мај 2019 година.
-На иста адреса во Петрич, како и претходните со име „Медикал 420 БГ“ и „Фарма ЕУ БГ“. Во интерес на јавноста ги презентирам документите за овие две фирми, ова е „Фарма ЕУ БГ“ и еве го потписот на основачкиот акт. И втората фирма исто така основана во Бугарија, во Петрич, „Медикал 420 БГ“, исто така потпишан на основачкиот акт. Истите овие две фирми, основани во Бугарија, „Фарма ЕУ БГ“ и „Медикал 420 БГ“ се јавуваат како сопственици на најмалку две фирми во Македонија, а во дел други фирми се јавуваат како малцински акционери. Сето ова отвора прашање во однос на тоа какви се намерите на семејството Заеви после поразот на парламентарните избори. Свесни дека ќе треба да одговараат за сторениот криминал и корупција кои што ги направија во изминатиот скоро четири годишен период на власт и второ го поставува логичното прашање зошто во текот на целата кампања Зоран Заев не одговори на моето прашање, а тоа е дали е во состојба да го докаже потеклото на сопствениот капитал и потеклото на капиталот на неговото семејство затоа што ВМРО-ДПМНЕ ветува во програмата За обнова на Македонија е еден од основни носечки проекти во делот на борба против криминал и корупција да биде усвојување на закон со кој што ќе се испита потеклото на капитал на сите луѓе кои што се занимавале со јавен живот во изминатите 30 години. Цела кампања го повикував, цела кампања не одговори, веројатно ова е една од причините, рече Николовски.