Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски денеска на прес-конференција рече дека денешните снимки ја докажале спрегата на Христијан Мицкоски со тајкуни блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
-Денешните аудио снимки се доказ дека Христијан Мицкоски имал средби, разговори и директна соработка со Зоран Милески Кичеец и дека за тоа ја лажеше целата јавност. Мицкоски и Кичеец, активно и директно комуницирале, очи в очи, на средби но и преку телефон. Не преку „Петко-Станко“ како што самиот Мицкоски вели на објавената снимка, туку сосема директно. Кичеец бил извршител на Мицкоски и одбработувал за ВМРО-ДПМНЕ, активно ја помагал ВМРО-ДПМНЕ и работел во функција на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски го ангажира Кичеец во изборни цели за претседателските и локалните избори во Охрид во 2019 година. Денеска, на дело се докажува спрегата на Мицкоски со тајкуни блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Само се потврдува зошто Мицкоски работи против правната држава, зошто ги брани криминалите на Никола Груевски, на режимот и зошто правеше се во овој период наместо да се реформира , да ги блокира и да ги спречи сите реформи во правосудството. Очекуваме целосно расчистување на овој скандал и одговорност, согласно законите, за сите инволвирани во овој случај, вклучително и на оние од белиот дворец и ВМРО-ДПМНЕ, рече Николовски.