Инспекциските служби се важен контролен механизам за правилно спроведување на секоја уредба, одлука, протокол и мерка, што ги преземаме за спречување на ширење на коронавирусот. Повеќе од било кога е важно да ги почитуваме мерките и протоколите, да носиме маска, да одржуваме растојание и да нема групирања.
Ова го порача вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски по работна средба со дел од инспекторите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ).
-Само така, заеднички, ќе ја надминеме оваа здравствена криза, која притиска и врз економијата. На тој начин, ќе им помогнеме и на инспекторите, на здравствените лица, полицијата, армијата и сите други чинители што се вклучени во битката со овој вирус, изјави вицепремиерот Николовски.
На средбата, информираат од кабинетот на Николовски, од страна на ДЗСИ, беа презентирани податоците за спроведените надзори во изминатиот месец во надлежност на овој инспекторат, откако се стапени на сила измените на Законот за заштита на населението од заразни болести.
Вицепремиерот Николовски посочи дека овој инспекторат има значаен придонес во спречувањето на ширењето на вирусот КОВИД 19, преку надзорите што ги спроведува во рамки на своите надлежности и нагласи дека информацијата за кадровската екипираност во инспекторатите, е веќе влезена во владина процедура, и онаму кадешто има потреба, за следната година ќе се овозможи да има нови вработувања, со цел да се обезбеди непречено функционирање.
Директорката на ДЗСИ Ирина Сотирова Бухова, изјави дека инспекторите изминатите девет месеци се секојдневно на терен со вршење на вонредни инспекциски надзори во сите здравствени установи, училишта, детски градинки, козметички салони, старачки домови.
-Изминатиот месец откако стапија на сила измените и дополнувањата на Законот за заштита на наслението од заразни болести, нашиот инспекторат иаздаде околу 40.000 решенија на лица позитивни на вирусот Ковид-19 и на лица контакти со позитивни. Само во последните четери дена доставени се 7.500 решенија за изолација. Ако ја споредиме оваа бројка со бројката од минатите месеци, ќе ни ја покаже сериозноста на целата ситуација. Инспекторите ќе останат на терен, будно ќе мониторираат било какво отстапување од протоколите и од законските норми кои се пропишани. Борбата е заедничка, почитувајќи ги протоколите прво се заштитуваме себе си, но и овозможуваме на здравствениот систем да истрае, рече Сотирова Бухова.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат ги спроведува надзорите во здравствените установи, градинките, училиштата, старечките домови, од аспект на почитување на здравствените протоколи, управување со медицински отпад, санитарно-хигиенски услови во сите установи што ги конторолира ДЗСИ, заштитна опрема во установите и друго.