За помалку од две и пол години СДСМ реализира е повеќе од 57 проценти од сето она што го вети во својата програма, изјави генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски во интервју за Радио Слободна Европа.
– Апсолутно сме задоволни од постигнатото за две и пол години. Да повторам од земја која што беше изолирана, на раб на граѓанска војна, земја во која што се пролеваше крв во Собранието пред три години, денеска е држава која што ги реши сите отворени прашања со соседите, која носеше храбри одлуки, која растоварено и храбро одлучуваше во интерес на граѓаните и државата, денеска сме членки на НАТО, и сме до делот на дефинирање на преговарачката рамка со ЕУ, вели Николовски.
Тој потенцира дека СДСМ смета оти парламентарните избори треба да се одржат тогаш кога тоа ќе биде најмногу возможно, откако изминатиов период „многу соодветно, со навремени и внимателни политики се справивме со здравствената криза“.
На прашањето зошто СДСМ инсистира на избори во јуни, Николовски оценува дека ако тие се одложат за по летото, со отворањето на граници можно е зголемување на бројот на заразени, а потенцира и дека експертите укажуваат „оти наесен е можно повторно зголемување на заболените“.
– Друга причина е што државата подолго време е без функционален парламент, единствена земја во Европа што нема парламент, имаме техничка влада, таа добро се справува со состојбите, но таа е влада за организирање на изборите, додава Николовски.
Запрашан дали СДСМ би одел на избори доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да ги бојкотира, Николовски вели дека опозициската партија се обидува да избега од изборите.
– ВМРО-ДПМНЕ има единствена цел, а тоа е да бега од изборите и тоа буквално. Ниту презентира план како што беше најавено, ниту разговараа сериозно на оваа тема на лидерската средба, од една страна, а од друга страна, ние излеговме со конкретни факти, податоци, првенствено базирани на сите информации на Комисијата за заразни болести, од Кризниот штаб, истакнува Николовски во интервјуто.