Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска на својот профил на Фејсбук објави дека во 2017 година беа исплатени два милиона евра долг кон лозарите од неисплатеното винско грозје од винарските визби „Повардарие“ и „Стефани“.

Со ребалансот на Буџетот, пак, оваа година, додава Николовски, се расчистуваат сите обврски кон земјоделците и прв пат се воведува авансна исплата на субвенциите.

-Земјоделците добро знаат дека во МЗШВ имаат искрен и сериозен партнер, кој е секогаш на страната на земјоделецот, наведува Николовски.

Владата вчера соопшти дека откупната цена на грозјето годинава бележи најголем пораст од 30 отсто – сортата „смедеревка“ ќе се откупува по 13 денари за килограм, а „вранецот“ ќе биде 15 денари за килограм што е три денари повеќе во споредба со лани.

-Зголемувањето на откупната цена на грозјето е резултат на договорот постигнат по исцрпните консултации на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со винариите и лозарите, информира Владата, нагласуваќи дека и континуираните мерки за поддршка даваат резултати – домашното просечно производство на грозје е стабилизирано на околу 270 000 тони на годишно ниво, а додека просечното годишно производство на вино е околу 100 милиони литри.