Ристо НИКОВСКИ

На 4 септември 2020, во Вашингтон, Трамп реализираше врвно предизборно шоу во кое улога на статист имаше и српскиот претседател Вучиќ. Тоа само делумно важи за присутниот премиер Хоти, бидејќи Косово е класичен американски протекторат. Се чини дека Вучиќ не можел да го избегне настанот кој, очигледно, има клучно предизборно значење за Трамп оти да се спротивставиш на САД, кои не толерираат непослушност, не е баш препорачливо. Иако претседател на суверена држава со долга историја, тој беше третиран како да е повикан на информативен разговор. Веќе во Белата куќа, Вучиќ немаше маневарски простор да го одбие документот кој го потпиша, а кој нема голема практична важност за Србија. Тој веројатно знае дека, во февруари 2011, и Груевски беше на истото место и беше исто така понижен од потпретседателот Џо Бајден. Груевски не ги прифати директивите кои ги доби, бидејќи беа погубни за земјата, и знаеме како завршија и тој и Македонија.

Вучиќ и Хоти беа поканети во Вашингтон за “решавање на економските проблеми“  меѓу Белград и Приштина. Се најавуваше и документ и интересно е што Вучиќ претходно изјави дека не му е позната содржината на истиот но дека нема да прифати признавање на Косово. Ако се инсистира на тоа, рече, тој нема да се сретне со Трамп. Изјавата е доста смела ама во најмала рака е несериозно да одиш на средба, каде треба нешто да потпишеш, без да го имаш текстот однапред. Но, играта ја водеа американците и не е лесно да разговараш со нив на рамна нога.

Организатор на настанот беше блискиот соработник на Трамп, Ричард Гренел, кој на двете делегации им дал документ во 16 точки за кои требало да се согласат. Меѓу нив, наводно, било и меѓусебното признавање ама, по обидот, Гренел тоа го повлекол. Не треба да се исклучи можноста дека тоа бил штос, за да му се олесни позицијата на Вучиќ. Утредента, во канцеларијата на Трамп, со максимална помпа и публицитет, документите ги потпишаа Вучиќ, Хоти и Трамп. Вучиќ изјави дека тој потпишал билатерален договор со Трамп и дека немало ништо трипартитно. Второто е точна ама нема ниту некаков билатерален договор со САД.

Документот кој се потпишуваше има наслов “Економска нормализација“ и поднаслов – “Србија (Белград) и Косово (Приштина) се согласни да се движат напред со економската нормализација сложувајќи се за следното“. Следат 16 точки на кои се однесува согласноста. Девет од нив се поврзани со двете страни а седум се непринципиелни американски диктати. Еден документ доби Србија и него го потпиша Вучиќ. Друг, кој не е целосно идентичен со српскиот, потпиша Хоти. Во основата, тие се сведуваат на нивни изјави, со кои се обврзуваат да ги исполнат американските задачи.  Одвоено, примероци идентични на овие два документи потпиша и Трамп и им ги даде на Вучиќ и на Хоти. Практично, улогата на Трамп се сведе на нотар кој ги потврдува двете изјави. Ништо повеќе.

Од дипломатска гледна точка, не е потпишан никаков договор туку само изјави за намери. Ако беше договор во прашање, прво, текстовите ќе мораа да бидат идентични. Второ, на крајот на сите примероци од една страна ќе стоеше името на Вучиќ а на другата на Хоти, нека биде и без нивните функции и во име на кого потпишуваат. Вучиќ и Хоти не мораа да го потпишуваат примерокот на другиот за да нема форма на некакво индиректно меѓусебно признавање ама тоа ќе имаше форма на договор. Вака… Впрочем, во текстот што го потпиша Вучиќ стои – “Србија (Белград) и Косово (Приштина) се согласни…“, со што се официјализира Косово како нешто посебно.

Дека целиот проект се сведува на предизборните потреби на Трамп, потврдува фактот што во текстот потпишан од Вучиќ, со кој треба, нели, да се нормализираат економските односи меѓу Белград и Приштина се вклучени и – а) обврска за диверзификација на снабдувањето со енергија, што е отворено против Русија; б) забрана на користењето на 5Г опрема  набавена од “несигурни продавачи“, што е директно против Кина; в) обврска да се купува конкретна американска безбедносна опрема; г) обврска за враќање на имотот од Холокаустот, кој нема наследници и не се бара; д) декриминализација на хомосексуалноста; ѓ) третирање на Хезболах како терористичка организација, и што е највпечатливо – е) обврска Србија веднаш да отвори комерцијална канцеларија во Ерусалим а до 1/7/2021 таму да ја пресели и амбасадата. Србија ќе биде прва европска држава што ќе го стори тоа а досега го направиле само САД и Гватемала. Против тоа е и ЕУ. Ова покажува дека седум од 16 точки немаат никаква врска со односите меѓу Србија и Косово туку се директни американски интереси во корист на Израел а против Кина и Русија, со што поводот е искористен за добивање надворешнополитички поени пред изборите.

Во точките од билатерален карактер е предвидено – а) изградба на автопат Белград – Приштина; б) обнова на железничките врски, со можно нивно продолжување до пристаништето во Драч; в) Косово и Србија да работаат со американски финансиски институции за реализација на горните проекти како и за други, при што во Белград ќе биде отворена канцеларија на Американскиот фонд за развој; г) двете страни да го отворат и операционализираат заедничкиот премин кај Мердаре; д) двете страни да се приклучат кон проектот “Мини Шенген“; ѓ) меѓусебно да се признаваат дипломите и професионалните сертификати; е) двете страни да соработуваат со американските надлежни институции околу изработка на физибилити студија за заедничко користење на водените и енергетски потенцијали на езерото Газиводе (кои моментално целосно ги користи Косово); ж) да се преземат чекори околу исчезнатите, раселените… и з) Косово една година да не бара членство во меѓународни организации а Србија да не води кампања против признавањето на Косово. Паѓа во очи дека во документот не се спомнати бројни и значајни меѓусебни економски проблеми како што се – прашањето на Трепча, отворените меѓусебни финансиски побарувања…

Интересна е реакцијата на Карл Билт дека Вучиќ дури по потпишувањето, од говорот на Трамп, дознал дека Србија ќе ја сели амбасадата во Ерусалим?! Ако е тоа точно, ќе следи голем скандал.

Уште на 14/2/2020, Гренел успеа двете страни да прифатат обнова на летовите меѓу Белград и Приштина, изградба на автопат до Приштина и обнова на железничките врски. До сега, меѓутоа, ништо не е сторено за нивно спроведување. И бегол поглед на ова што е сега договорено, покажува дека малку што е конкретно. Автопатот и железницата се долгорочни проекти а најверојатно работите ќе се одолговлекуваат и во сите други сегменти. Особено ако Трамп не биде реизбран.

Доналд Трамп е често напаѓан та дури и исмејуван, како ретко кој американски претседател и, мора да се признае, често пати со право. Меѓутоа, тој е еден од ретките претседатели на САД кој не започнал нова војна во странство или ги интензивирал веќе постојните. Барем според досегашното владеење, тој ќе остане запаметен по повлекувањето на американските сили од надворешните боишта. Тој дојде од бизнис круговите и се однесува сосема поинаку од традиционалната американска бирократија која сака војни за да ја задоволи воената индустрија. Да потсетиме дека Клинтон го бомбардираше Белград, ја испланира агресија од Косово врз Македонија во 2001…

Иако се ближат избори во САД, нема индикатори дека Трамп ќе тргне некаде во воен поход заради реизборот, како што правеле други негови претходници. Место тоа, Трамп се обидува да добие надворешнополитички поени со решавање на отворени меѓународни проблеми што е, барем во основата, позитивен чекор. Не е воопшто чудно што во тој спектар е и проблемот меѓу Србија и Косово, чие решавање е поширок интерес. Независноста на Косово е американски проект и логично е што Вашингтон се обидува да се средат односите меѓу Белград и Приштина и новата држава целосно да се етаблира на меѓународната сцена. Сепак, начинот на кој е организирано шоуто е по малку невообичаен ама е многу подобар од започнување на војни. Џон Болтон, поранешен советник на Трамп за национална безбедност (2018/19), објави книга во која жестоко го нападна Трамп, кој го исфрли од функцијата, префрлајќи му дека главна цел му бил реизборот. Тој не спомна дали некаде имало претседател кој не сакал да биде реизбран?