Договорот од Преспа е многу важен чекор за стабилноста на регионот и за односите меѓу Македонија и Грција, изјави специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц, по средбата во Њујорк со алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, јави дописникот на МИА од Атина.
– Очигледно политичкиот процес во двете земји напредува, а јас како претставник на ОН останувам подготвен да помогнам. Ако на двете страни им е потребна моја помош, Обединетите нации се подготвени да помогнат, рече Нимиц.
Катругалос истакна дека на средбата со Нимиц ја повторил „посветеноста на Грција на духот и на содржината на Договорот од Преспа, со предусловот што се подразбира, дека оваа посветеност е заемна и за другата страна“.
– Разговаравме за напредокот и за одредени проблеми што се создадоа во изминатиот период и му се заблагодарив за важниот придонес што го направи досега за, се надевам конечно, решавање на ова прашање, рече Катругалос.
Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, во Њујорк се сретна и со специјалната претставничка на ОН за кипарското прашање, додека пак денеска е во Вашингтон, каде што започнува стратешкиот дијалог Грција –САД.
Во 16 часот по локално време, Катругалос ќе се сретне со американскиот државен секретар Мајк Помпео, а претходно ќе има средба со Џон Болтн, советникот за национална безбедност на претседателот на САД.