Изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на други функционери од опозицијата ми ја загрозија безбедноста и ми предизвикаа да живем во страв – изјави Александар Василевски-Нинџа, осуден во предметот „27 април“, на денешното рочиште во врска со негова тужба за клевета против портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Василевски-Нинџа го тужи Стоилковски за изречени тврдења на прес конференција дека „режимот на СДСМ/ДУИ пресуди над 200 години затвор врз основа на изјавата на Александар Василевски-Нинџа, а тој сега шета слободен по улиците“.

Василевски-Нинџа во Граѓанскиот суд рече дека во предметот „крвав четврток“, кој се однесува на упадот на толпа во Собранието на 27 април 2017 година, се бранел, а не ги напаѓал другите. Нинџа посочи дека во случајот бил обвинет, а не сведок.

– Во декември 2021 година, на средствата за јавно информирање, видов како лицето Наум Стоилковски дава изјава пред Министерството за правда, каде што кажува дека лицето Александар Василевски добил ослободување од страна на Пендаровски за лажните сведочења за случајот „27 април“, каде луѓето лежат 211 години, се осудени врз основа негова лажна изјава, а тој се договара со Заев и Маричиќ да биде помилуван. Тоа кај мене побуди чувство на загрозеност и страв, за мене и мојата фамилија. Тој кажа нешто што воопшто не е точно – рече Василевски-Нинџа во дел од исказот.

Василевски рече дека не ги познава ниту Зоран Заев ниту Бојан Маричиќ, кои беа премиер и министер за правда во тој период. Како потврда дека се плашел и дека безбедноста му була загрозена наведе дека бил преместуван од еден во друг затвор.

– Со осудените лица од случајот „27 април“ другарувавме и бевме едно семејство, делевме иста соба. Потоа почнаа хушкањата дека еден од виновниците за казната сум јас. А тоа хушкање почна од телевизиски интервјуа на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски… Потоа бев пренесен во затвор „Скопје“ во Шутка. Наум Стоилковски е капакот кога реков дека мора се преземе некаква мерка, бидејќи притисокот веќе не можам да го трпам. Ме растревожи неговата изјава – додаде Нинџа пред судот.

Случајот го води судијката Наташа Тодорова, а тужениот го застапуваше адвокатката Ружица Николовска.